среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Ова се протоколите откако ќе се отворат аеродромите

Ова се протоколите откако ќе се отворат аеродромите

Најмалку 3 часа пред летот патниците треба да стигнат на аеродромите во Скопје и Охрид, задолжително да носат маска и да држат растојание. Од компанијата ТАВ Македонија, откако вчера Владата донесе одлука од 1 јули да се отворат аеродромите, информираа за протоколите кои треба да ги почитуваат оние кои ќе патуваат и според кои ќе работат вработените.

„Покрај пристигнување три часа порано и носење маска, патниците треба да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание. На сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродрома ќе им се мери телесната температура, преку термалните камери кои се поставени во аеродромите. По скенирањето со термалната камера, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација“, вели Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат. Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани.

Како што велат од ТАВ Македонија, информативни знаци во вид на банери, налепници и билборди се поставени насекаде низ аеродромите, со цел да ги потсетуваат патниците да држат физичко растојание, да одржуваат висок степен на лична хигиена и да избегнуваат допирање на површините.

„Уште од првиот случај на КОВИД-19 во земјата, почнавме зачестено да чистиме и дезинфицираме, поинтензивно од вообичаеното. Особено на местата на аеродромот каде што патниците најмногу се задржуваат, коишто се најмногу подложни на допирање. На пример шалтерите за регистрација, рачките од вратите и ескалаторите, екраните, држачите, копчињата за лифтови, пунктовите за саморегистрација и завиткување багаж, количките за багаж и сите други предмети идентификувани како најчесто допирани површини, се дезинфицираат 4 пати дневно. Пред реотворањето на аеродромот, сето ова го срочивме во наши нови интерни правила, коишто точно го пропишуваат начинот на дезинфекција и соодветните средства за таа намена“ вели Ерсој.

Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од ТАВ Македонија апелираат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување.

Меѓународниот аеродром Скопје беше затворен за патнички летови на 19 март, додека аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид на 16 март

Коронавирус