петок, 18. септември 2020. Вести денес: 138
home Вести

Отворено писмо на инспектор Ѓорги Илиевски до Амбасадите во Македонија

Отворено писмо на инспектор Ѓорги Илиевски до Амбасадите во Македонија

Виш инспектор Ѓорги Илиевски испрати отворено писмо до Амбасадите во Македонија. Ви го пренесуваме во целост неговиот апел до меѓународниот фактор за катастрофалните состојби во македонското образование:

 

ОТВОРЕНО ПИСМО

 

До

Канцеларијата на Европската унија  во Македонија

Господин амбасадор  на ЕУ Самуел Жбогар

Францускиот амбасадор г-дин Кристијан Тимоние во Македонија

Холанската амбасада во Македонија и

Германската амбасада во Македонија

 

 Почитувани екселенции,

 

Јас Ѓорѓи Илиевски – Виш просветен инспектор во пензија, Ви изразувам  благодарност што ми беше овозможено да имам средба минатата година, со Вас екселенцио Кристијан Тимоние, и со Канцеларијата на Европската унија, со одговорните за образование и култура на холанската и германската амбасада во Македонија. На тие разговори Ве запознав за состојбите во високото образование, за  скандалите кои се случуваат со незаконското унапредување на јавни високи функционери во наставни-научни звања на Универзитетот во Тетово, како што е минисерот за образование и наука Арбен Адеми, заменик министерот за Внатрешни работи Агим Нухиу и Директорот за индустриска сопственост Сафет Емрули,  за незаконско склучување на Договори за интелектуални услуги и примање на парични срества  и слично.

Почитувани екселенции,

Пред неколку седмици Ви ја доставив мојата најнова книга: Трулеж на системот во Македонија, со оваа книга Ви ги предочувам  случувањата во нашиов македонски правен систем, а во однос на непочитување и непрактикување на правото и правната држава, непочитување и изигрување на донесените закони и нивната примена. Односот на претпоставените по институциите кои се „грижат“  само за личните интереси и нивните закани кон оние кои сакаат професионално и совесно да ги извршуваат своите работни задачи и да ги спроведуваат и почитуваат законите.

Почитувани екселенции,

Во нашата држава Македонија, не владее правото, правната држава и демократијата. Не функционира Законот за заштита на укажувачи, има мобинг во јавните институции, постои Закон но во практиката не функционира. Тоа добро го  констатира и објаснува Меѓународниот кординатор на  Коалицијата на Југоисточна Европа, господинот Марк Ворт за заштита на  укажувачи (https://www.whistleblower.mk/), а во однос на мојот мобинг и претрпувањето на закани  и одмазди, од страна на Арбер Адеми министер за образование и наука, Агим Нухиу заменик министер за внатрешни работи (сега министер за внатрешни работи) кои незаконито се унапредиле во наставно-научни звања, спротивно на Законот за високо образование, како и незаконито склучени интелектуални услуги земање пари, во период кога им мирува работниот однос на Универзитетот во Тетово, спротивно на Законот за работни односи (член 151). За ваквите образовни криминали, кои се од Јавен интерес,  беа запознати тогашниот премиер Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, сега технички премиер Оливер Спасовски, истите застанаа на страната на образовниот криминал. Со изговор дека „нетреба да се растури коалицијата на власт“. За каква правна држава  станува збор?!.

Почитувани екселенции,

За сето ова Ве запознав и Вас,кој ми дадовте целосна подршка што сум Ви благодарен. Како што сум им благодарен на заменикот Народен правобранител за работни односи кои констатираа непочитување на законитоста, истото го констатираа и Хелшинскиот комитет во Македонија и Транспарент Интернешел во Македонија. Голема подршка да истрајам кон мојата правда ми дадоа и македонските новинари од разните агенции, портали и слично. Секако и подршката од граѓаните и спроведената петиција со над 5500 потписи, под наслов „Стоп за криминалот!.

Почитувани екселенции,

Загрижувачки се состојбите во македонското општество во поглед на корупцијата, криминалот, демократијата и правото  на институциите. Тоа го покажа и извештајот објавен од Транспарент Интернешенл Македонија, за Индексот за перцепцијата на корупцијата во 2019 година, и рангирањето на 106 место. За ваквата загрижувачка состојба во нашава македонска држава на овој план, ќе ја цитирам изјавата на претседателот Стево Пендароски: „ Да не сум претседател, и јас би се иселил од својата држава, каде просечната плата во земјата е 400 евра“ изјавена на Регионалниот форум на млади лидери во Нови Сад(2019). Што да се каже на оваа безперспективност за младите? Кога гледаат дека не функционираат правните институции, кога царува криминалот и корупцијата во секој сегмент од општественото живеење и делување.

Почитувани екселенции,

Институциите на системот се непрофесионални и политички. Во правната терминологија, односно законите што се напишани за сите институции во системот на државата, стои дека се почитуваат начелата на законитост, совесност, професионалност, работење во интерес на граѓаните, транспарентност, борба против криминалот и корупцијата, непотизам, судир на интереси и слично. Многу убаво срочено на хартија. Што покажува практиката.

Практиката покажува дека институциите и државните комисии се инсталации на политичките партии на власта. Така на пример: министерката за правда на Македонија Рената Дескоска сама себе си се номинира за член на Венецијанската комисија. Истата вовела критериуми за сите оние кои полагаат правосуден испит да ги поседуваат книгите на нејзиниот сопруг Тони Дескоски. Да биде скандалот поголем, министерката за „правда“ Дескоска, целосно ја партизира и Комисијата за правосуден испит. Во самата комисија има низа конфликти на интереси. Ќе наведам некои: Именувањето на сестрата на пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчева, Антоанела Димовска, именувањето на  Тања Милева, сопруга на поранешниот кандидат за градоначалник на СДСМ од Радовиш и поранешен член на ДИК Игор Милев, именувањето на пријателот на Заев, претседателот на Апелациониот суд во Штип Наќе Георгиев, потоа именување на струмички судија чија сопруга е јавен обвинител во Струмица, именувањето на поранешниот претседател на ДИК Александар Чичаковски, адвокатот Валентин Пепелуговски, чие адвокатско друштво е привилегирано од СДСМ, па наплатило  околу 17.000.000 денари од Владата… Со ваквите именувања од страна на министерот за „правда“ Рената Дескоска, полагањето на правосуден испит ќе зависи од субјективната  проценка на комисијата, дали кандидатите биле или се активни подржувачи на политиката на СДСМ и Зоран Заев. Ова е школски пример за непотизам, партизација и корупција.

Државната комисија за спречување на корупција како  самостоен орган и има својство на правно лице и независен во вршењето на работите утврдени во Законот за спречување на корупција и судир на интереси и се грижи и ги заштитува граѓаните согласно Законот за укажувачи.

Меѓутоа, што се случува во практиката?

ДКСК наместо да ја утврди  целосната фактичка состојба за пријавен случај, за јавните функционери за незаконско унапредување на јавните функционери во наставно-научни звања на лицата Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули со образложение дека согласно одредбите на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК се јавува како  надлежност, туку за таоа е надлежен друг орган односно, Државниот просветен инспекторат ?!(Чудно од страна на ДКСК? А во однос  за злоупотреба на парични средства/реализирани исплати на надоместоци на јавните функционери во својство на ангажирани лица на Државниот универзитет Тетово -Правен факултет Тетово,  по основ на хонорари за извршување на интелектуални услуги – вршење настава, ДКСК носи заклучок за прекин (мирување) на постапката, во овој дел од постапувањето, поради тоа што по овие наводи од пријавата постапува и друга надлежна институција, од чие постапување зависи одлучувањето на ДКСК? Иако ДКСК, по добиени информации од Македонската авторска агенција АД Скопје, потврдуваат дека јавните функционери примиле незаконски хонорари од Државниот универзитет во Тетово. Со овој исказ на ДКСК, е должна да постапи по Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде што има корупција на јавни високи функционери од Владата на Република Македонија, кои што земале хонорари спротивно на Законот за високо образование и по основниот закон во кој е надлежна ДКСК. Ваквата постапка на ДКСК е чин на непрофесионален однос и извршување на задачите.

Единствено од превземените дејсвија во предметот ДКСК утврди постоење на состојба на судир на интереси кај едно лице од службените лица, односно државен просветен инспектор. По овој основ, ДКСК ќе продолжи со своето надлежно постапување по предметот кој по заклучок на ДКСК е отворен во Одделението за спречување на судир на интереси при ДКСК. Ова е едно големо непрофесионално одлучување на ДКСК спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и според мене под политичко влијание. Ова може да се реализира само во правна држава. А ние тоа не сме.

Практиката покажува дека Државниот просветен инспекторат односно неговиот директор и раководителот на секторот за инспекциски надзор лица поставени од партиите на власт СДСМ и ДУИ се инсталации на власта, иста е состојбата со Инспекцискиот совет како самостоен државен орган, односно нејзиниот претседател Магдалена Филипоска -Грашкоска (СДСМ) и членот на ИС од областа на образованието  Ќерамедин Селими од (партијата ДУИ) не поведуваат дисциплински постапки  за постапки на инспектори кои нестручно  и несовесно, непрофесионално постапуваат  и има судир на интереси и слично. Ова што ни се случува во Македонија-Нема правда еднакво за сите.

За Државната комисија за одлучување по втор степен поставени се членови од политичките партии СДСМ и ДУИ и нормално се предлагаат партиски кадри и тоа: за претедател на Комисијата Елизабета Русеска, дипл. правник од Охрид – член на Централниот одбор на СДСМ, Ристана Лалчевска –член на Либералната партија, член Искра Давитковска Костовска од Скопје, која работела  на „правни работи и уредување на весник“ во Здружението на возачи што исто така ни од далеку не одговара на тоа што ќе го работи како член на второстепена комисија, потоа Неждет Винца електроинжињер (наместо правник не исполнува основни услови, била екс директор на ЕВН Тетово), Шефки Јашари од Кичевско, Мирјана Панајотова и Ѓорѓи Чукарски од Струмица. Како што стои по порталите, дел од комисијата не ги исполнуваат основните услови пропишани со закон. Според написите во македонските портали стои дека: Мирјана Панајотова била предлог зад кој застанала генералната секретарка на Собранието на Македонија – Цветанка Иванова, а со амин на Зоран Заев, кој во ова комисија  го предложил и вториот струмичнец –  Ѓорѓи Чукарски, кој работел во Управниот инспекторат и во Министерството за информатичко општество како инспектор за Струмица и околните општини. Како што наведов на листата на членови на комисијата се најде струмичката правобранителка Мирјана Панајотова, поранешна колешка на Цветанка Иванова (актуелен секретар на Собранието) кога била јавен правобранител во Струмица. Панајотова, која сега е советник во струмичкото државно правобранителство, била една од обвинетите во случајот „Јака Табак“, каде што била обвинета заедно со екс директорот на Бирото за стокови резерви, дека со струмичка судијка на „Јака Табак“ нанела штета на Бирото за стокови резерви, односно државата, со отпишување и обезвреднување на тутун од стоковите резерви. Подетално за нејзе може да се најде во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пред судот во Скопје.

Што може да се очекува од ваква комисија? Какви одлуки или решенија ќе носи законити или  политички?

И за оваа незаконитост се запознаени сите странски институции, како и срествата за јавно информирање. Несоменено, Комисијата работи политички и под директива на извршната власт, конкретно од еден човек.

Државниот управен инспекторат кој го води директорот Фаница Николоска член на СДСМ( сега актуелен пратеник), кој воопшто не го почитува законот за општа управна постапка …Што е скандал за една институција како што е ова институција.

Што покажува практиката за третата власт

Во практиката спротивно на законот, општа е перцепција  дека судството во Република Македонија е корумпирано, криминално, зависно од политичките партии на власт, односно подпаѓа под влијние на извршната власт. Евидентни се селективни судења поради што нема правна сигурност, што не е  европска судска пракса.

Би навел конкретни примери: Во Основниот суд Струга повеќе од пет години се водат судски прекршочни постапки од страна на Државниот просветен инспекторат против Меѓународниот универзитет Струга. За ова знае и претседателот на судот во Струга. Запознати се и амбасадите во нашава држава дека повеќето донесени прекршочни постапки се ослободителни. Пресудите се однапред јасни. Не може да се пресуди ништо против струшкиот универзитет, зашто некои судии од струшкиот, битолскиот и Управниот суд се, или биле вклучени во активности на овој универзитет. Кон оваа треба да се додаде и политичкиот момент поради блискоста на некои политички активисти со овој универзитет. На овој универзитет се констатирани законски пропусти согласно Законот за високо образование со ненострифицирани дипломи на странски студенти, ненострифицирани дипломи и избор во наставно-научни звања како што е примерот со градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко, потоа на нотарката Беса Кадриу во наставно научно звање доцент, понатаму ангажираноста на заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, а градоначалникот дури и во вонреден професор. За какви судии станува збор, каде е нивната професионалност,  независност и правичност?

Или пак, постапките на Основниот суд во Тетово, каде од страна на Државниот просветен инспекторат се поднесени прекршочни пријави за јавни функционери, и тоа против министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на индустриска сопственост Сафет Емрули сите од Универзитетот Тетово – Правен факултет. Судиите Јасмина Лазароска и Хуриете Цека донесуваат  ослободителни пресуди. Донесените пресуди од страна на судиите се пристрасни, непочитување на еднаквост и рамноправност и не се врз основа на владеење на правото. Јас би додал дека се тенденциозни и непринципиелни. Очекувам  од Судскиот совет, посебно од претседателот на Републичкиот судски совет г-дин Киро Здравев да постапи по мојата преставка (03-2163/1 од 31.12.2019 година), и да постапи согласно надлежноста на Советот. Обавената средба на ден 12.02.2020 година со претседателот на Судскиот совет „ ми дава за право“ да очекувам согласно надлежностите на Советот да се превземаат соодветни дисциплински и други мерки, а тоа значи има можност за разрешување на судии, да утврди престанок на судската функција, да одлучи за дисциплинските одговорност на судиите, да утврди нестручно и несовесно вршење на судската функција. Се разбира сето тоа, доколку се работи согласно Уставот и законот, без политички влијанија.

Зоран Заев поранешен премиер изјавува дека:„ судството го отворил како пупка“, еве мала анализа за распупеното  судство и начинот на напредувањето по политички нарачки: судијата Гордана Спиреска определи притвор по барање на СЈО за Сеад Кочан, сега по награда е член на Судскиот совет. Судијата Лидија Трајковска Зимбовска е унапредена на судии во Апелациониот суд Скопје, судијата Ѓоко Ристов е унапреден (политичка награда) во Апелациониот суд Скопје, кој за насилството го опомена Курто Дудуш градоначалникот на Заев од Шутка. Судиите Сафет Кадрии и Цветанка Периќ се унапредени во Врховен суд.

Против судиите во Врховен суд кои одлучуваа за предметот Кочан и тоа: Јово Вангеловски, Ристо Катавеновски, Фаик Арслани, Џемали Саити, Рахилка Стојковска и Ќиро Здравев, има интересна ситуација, судијата Ќиро Здравев е унапреден во претседател   на Судскиот совет, судијата Фаик  Арслани е в.д.Претседател на Врховен суд, а судијата Џемали Саити за кратко  ќе добие втор мандат како претседател на Здружението на судии, каде десна рака ќе му биде Петра Кабранова ќерка на главниот уредник на 1ТВ Ацо Кабранов.

Она што е интересно што за сите овие судии од Врховен суд, Судскиот совет за сите поведе постапка за разрешување но на интересен начин постапката е запрена за унапредените, а разрешени се Вангеловски, Стојковска и Катавеновски, токму така како што Зоран Заев нарачува и се фали по објавена „аудио бомба“. Ова е доказ дека судството е во рацете на политички послушници.

Што покажува практиката за работата на јавното обвинителство

Би навел конкретни примери: Од моја страна е побарано до Основното јавно обвинителство Тетово, до каде е истражната постапка по предметот 1395/19 од 4.07.2019 година, заради постоење основано сомневање дека се злоупотребени парични средства од страна на носители на јавни функционери именувани од Владата. Имено, министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на индустриска сопственост Сафет Емрули сите од Универзитетот Тетово – Правен факултет. Тие во периодот од нивното стапување на функција имаат користено средства по основ на договори за давање интелектуални услуги на Универзитетот Tетово на Правниот факултет, а преку Македонската авторска агенција А.Д. Скопје, што е спротивно на Законот за високо образование и Законот за Влада.

Од страна на Управата на финасиската полиција сум известен дека, споменативе јавни функционери незаконски добиените парични средства ги зеле, но отпосле, по откривањето на сканадалот, ги вратиле на Универзитетот Tетово. Со тоа си го признале образовнот криминал. Од страна на ОЈО – Тетово, ме известуваат дека е оформен предмет КО. бр.516/19 и за истиот предмет се постапува. Имено на 1.10.2019 година од страна на Управата за финансиска полиција до ОЈО Тетово е доставен посебен извештај бр.17-2115/9 од 27.09.2019 година, постапката по однос на овој предмет е во фаза на предистрага, се преземаат мерки и сите дејствија по однос на предметот, а во меѓувреме се чека на преставник од Универзитетот Тетово за да биде сослушан во својство на сведок во ОЈО Тетово…а за тоа време согласно законот за кривична постапка благовремено ќе бидам известен за донесената одлука. Поминаа повеќе месеци од Јавниот обвинител Басир Алиу нема никаков одговор. Може да претпоставиме што се чека, иако согласно законот за кривична постапка е јасно и чисто. Сите индиции укажуваат дека има големи притисоци од некои јавни обвинители од Вишото јавно обвинителство, како и од политичката партија ДУИ која е во Власта. За сето тоа очекувам одговор од Советот на јавни обвинители,поконкретно од претседателот на советот кој е заведен предмет преставка РОбр.53/2020. На потег е претседателот.

Исто така, од моја страна е доставена Кривична пријава КО 3788/19 од 28.11.2019 година до Основното јавно обвинителство Скопје, против правното лице Државниот просветен инспекторат и одговорнто лице Томе Спироски директор на ДПИ, за сторено кривично дело: повреда од правата од работен однос согласно член 166 став 1 од Кривичниот законик. Очекувам јавниот обвинител да постапи согласно законската постапка. Се надевам? На потег е јавниот обвинител.

Формираното Специјално јавно обвинителство (СЈО) или Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите е формирано како последица на прислушкување во Македонија. Неговата задача беше да ги истражува и гони можните злоупотреби кои произлегуваа од прислушкуваните материјали. Кажано со други зборови СЈО да го расчисти криминалот и корупцијата во Македонија и да биде поим за правда и правна држава. Меѓутоа, ни се случи фијаско. Првот човек на СЈО Катица Јанева е во притвор заради случајот „Рекет“. И не само тоа. На површина изби и скандалот со доделувањето бонуси од многу илјади евра и тоа не само за специјалните обвинители, туку и за нивни деца, блиски роднини, на деца на директори на јавни установи, лица од медиумите и блиски до власта, т.е до врхушката на Зоран Заев. Дали може да има подобар пример од тоа за корумпираноста на македонските власти, за нивниот севозможем криминал, било тоа да е финансиски, судски, правен, па на крај и морален. Токму затоа од нас како претенденти за членство во ЕУ се бара владеење на првото, да расчистиме криминалот и корумпираноста, со партизираните институции, односно да расчистиме со самите себе.

Со донесениот  Законот за јавно обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители. Мислењата се поделени од една страна се предлозите на Владата односно министерот за „правда“, а од друга страна на опозицијата и експертските професори. Законот за јавно обвинителство, што се предлага како што говори професорот Гордан Калајџиев: „Законот има промашени работи … полн со будалаштини, вакви екскурзии се непримерни…“. Другите експерти и професорите исто така говорат дека со „ваквите предлози на Власта, не и е до ЕУ и европските вредности, туку им е поважна сопствената безбедност, на штета на граѓаните, невладеење на правото и правната држава“. Некои се фалат дека во Законот за јавни обвинители го вметнале Бадинтер, односно бадинтеровото во изборот на јавни обвинители за гонење организиран криминал и корупција. Така при изборот на јавни обвинители, ќе биде одлучувачка етничката припадност, а не стручноста и способноста. Тоа е тежок удар врз владеењето на правото и правната држава. Во Македонија сè уште единица мерка за нечие оценување и вреднување е етничката и политичката припадност. Секаде на друго место тоа е стручноста, компетентноста, конкурентноста. Јас би додал дека ваквото донесување на законот за Јавно обвинителство по скратена постапка е чудна, од причина што примената на законот ќе биде после неколку месеци. Чудно и скандалозно. Ова не е европска пракса. На потег е Уставниот суд, Венецијанската комисија па и Меѓународниот суд за европски и човекови права.

Во ова прилика Ваши екселенции, сакам уште еднаш да Ве запознаам со (не)функционирањето на правниот систем во Македонија, иако Вие мошне добро го знаете, воедно и   да Ви се заблагодарам што наидов на подршка да се издржи во борбата против криминалот и корупцијата, каде што е  недозволено  да јавни функционери се однесуваат криминално да не се почитуваат законите, каде што тие треба да бидат пример.

Со овој јавен допис што Ве известувам, ќе ги запознаам  и македонските средствата за јавно информирање. Вас Ви благодарам.  Но порачувам, неминовни професионални институции а нашите македонски институции да се европеизираат. Ќе го  парафразирам Жан Моне : „Европа нашиот заеднички дом“.

Со почит,

 

Ѓорѓи Илиевски,

Виш просветен инспектор

во пензија

Коронавирус