сабота, 17. август 2019. Вести денес: 91
home Вести

Отворен туристички инфоцентар „Пониква“ на Осоговските Планини

Отворен туристички инфоцентар „Пониква“ на Осоговските Планини

Со финансиска поддршка од Програмата за зачувување на природата во Македонија, што се реализира во соработка со Швајцарскиот секретаријат за економски работи – СЕКО, на Осоговските Планини е отворен нов туристички информативен центар.

На  промоцијата на инфоцентарот „Пониква“, на која присуствуваа заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефане Томажиан, амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар и министерите за локална самоуправа и за земјоделство, Сухејл Фазлиу и Љупчо Николовски, беше истакнато значењето на проектот за регионот.

– Инфоцентарот ќе придонесе кон промоција на природното богатство од регионот и начините на неговото одржливо управување и користење, ќе даде значителен придонес и кон подигање на свеста за зачувување на природата и за збогатување на туристичката понуда на Источниот плански регион. Со неговото интегрирање кон веќе познатите туристички атракции на Осогово, тој ќе придонесе и кон поддршка на локалниот економски развој, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Во промоцијата на туристичкиот информативен центар се вклучија и членовите од извидничкиот одред „Ластовица“ од Кочани кои демонстрираа дел од своите вештини.

Инфоцентарот „Пониква“ е изграден со реконструкција на стар воен објект, кој еден период функционирал како воена болница. Во првата фаза зградата беше комплетно обновена и внатрешно уредена, а со втората фаза се изградени амфитеатрален простор за интеракција со туристи, инфо-терминал и место за одмор.

Во објектот туристите можат да добијат информации, мапи, летоци и други печатени и промотивни видеоматеријали, како и сувенири за продажба. Инфоцентарот располага со сала за состаноци и семинари што може да се изнајмува, со што ќе се обезбедуваат средства за одржување на објектот.

Со овој проект е изработена веб-страницата www.osogovo.mk на која има податоци за осоговските туристички атракции, новости, настани и камера во живо со информации за моменталната температура, влажноста на воздухот, брзина и насока на ветерот.

 

(МИА)