сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 64
home Вести

Отворен ден на АРМ за граѓаните

Отворен ден на АРМ за граѓаните

По повод одбележувањето на Денот на Армијата на Република Македонија – 18 Август, денеска на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје од 10 до 14 часот ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ, збогатена со голем број активности на припадниците на Армијата.

Граѓаните се поканети да го посетат тактичко-техничкиот збор, каде ќе имаат можност покрај материјално-техничките средства, борбените возила и вооружувањето на АРМ, да се запознаат и со армискиот хеликоптер Ми-8/18.

Како дел од програмата ќе бидат прикажани и борбените вештини на припадниците од баталјонот за специјални намени „Волци“ ,точката „Егзирцир“ на баталјонот за почести, прелетот на хеликоптерот Ми-8/18, приказот на обученост на службените кучиња на АРМ и изведбите од воениот оркестар.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат војнички приготвен грав од припадниците на логистичката бригада или да проверат крвен притисок од страна на припадници на Воено-медицинскиот центар.

Изложбата на воениот стадион ќе ја посетат министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Васко Ѓурчиновски.

Во рамки на одбележувањето на Денот на АРМ вчера во Министерството за одбрана се одржа централна свеченост на која говореа претседателот и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, министерката Шекеринска, а беа доделени одликувања, унапредувања, благодарници и награди за припадниците на АРМ.

На церемонијата беше извршено примопредавање на функцијата началник на Генералштаб на Армијата. Досегашниот Методија Величковски е заменет со генерал мајорот Васко Ѓурчиновски.

(Миа)

Коронавирус