среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 112
home Вести

Отказот на Трипуновски обид да се замолкнат критиките за погубните политики во земјоделието

Отказот на Трипуновски обид да се замолкнат критиките за погубните политики во земјоделието

Дали се врши политичка тортура врз членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, заради критики за погубните политики на власта во земјоделието?

Трипуновски е избркан од работа од местото државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради јавно искажување на став против политиките на власта кои ги спроведува на штета на македонскиот земјоделец.

Трипуновски држеше прес конференции за ниските откупни цени на доматите од 5 до 7 денари, ниските откупни цени од 8 денари на сината слива која наместо на пазарите заврши на улица како и ниските откупни цени на ресенското јаболко кое се продаваше по понижувачки цени од 1 денар за килограм јаболко.

Трипуновски исто така во своите јавни излагања ја критикуваше владата на СДСМ за падот од 4,4% на откупот и продажбата на земјоделски производи, немањето пласман за пченицата, оризот, пиперката, лубениците и останатите земјоделски производи, како и дезинформациите на власта за ГМО во оризот при што се нанесе сериозна штета на брендот кочански ориз.

Воедно тој на прес конференција го потсети и премиерот Зоран Заев за нереализираното ветување за откуп на земјоделски производи, односно дека премиерот вети тепачка на откупувачите, но наместо тоа откуп речиси и да немаше.

Во апсурдното образложение за отказ тие наведуваат дека тој бил наратор на прес конференција и како претставник на политичка партија нанесувал директна штета врз угледот на институцијата и ја поткопува довербата во администрацијата. Исто така беше обвинет и дека во работно време ги држел прес конференциите.

На ваквите обвинувања од страна на власта Трипуновски приложи докази дека поканите се испраќани во 14:41 и во 14:53 часот, а пресовите се држени после завршување на работно време во 15:45 часот и надвор од работното место и дека тој извршувал 8 часа ефективно работно време. Тој приложи и извод од системот за евиденција на работното време издаден од софтверот на министерството, но сепак министерството при дисциплинската постапка се направи слепо на овој факт.

 

Според упатените власта со ваквото образложение и постапка само потврди и докажа дека забранува критика и различен став во институциите и дека ниту еден вработен во државната администрација не смее да мисли поинаку од премиерот Заев и министрите, во случајов Љупчо Николовски.

 

Коронавирус