сабота, 18. септември 2021. Вести денес: 61
home Вести

Останува предлогот за 17 октомври како датум за локалните избори

Останува предлогот за 17 октомври како датум за локалните избори

Предлог-датум за локалните избори останува 17 октомври согласно Изборниот законик, но засега е неизвесно дали за изборот на советници ќе има отворени листи, бидејќи за ваквиот концепт ќе се дискутира откако Собранието ќе ги донесе измените во Изборниот законик.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека според предлогот од работната група во којашто учествуваат сите политички партии, останува локалните избори да се одржат на 17 октомври, како што е утврдено во Изборниот законик.

– Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо. Пописот е обична активност која што финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се вршел 20 дена, овој пат е определен 30 дена, може навистина да се заврши и порано. Значи има доволно време, така што нема потреба од какви било промени на датумот на изборите, рече Заев.

Минатата недела Заев предложи локалните избори да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот, но ВМРО-ДПМНЕ го одби ваквиот предлог и обвини дека премиерот на своја рака, без консултација со останатите партии, бара поместување на датумот на локалните избори.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски тогаш изјави дека очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори.

– Локалните избори не се определуваат за желбата на кој било политичар, било и тој да е премиерот. Локалните избори се одржуваат во точно определен термин според Уставот и законот, а уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври, посочи Милошоски, додавајќи дека секој друг темин би бил „неуставен и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит“.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, информора дека предложениот текст за измени на Изборниот законик ги содржи препораките на ОБСЕ/ОДИХР од Извештајот од парламентарните избори што треба да се имплементираат и би било несоодветно која било партија да го блокира подобрувањето на изборниот процес, што е и целта на препораките.

Во пресрет на локалните избори Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) вчера објави анкета чии резултати покажуваат дека граѓаните во голема мера се незаинтересирани да учествуваат во локалната власт, а како причина за тоа ги наведуваат градоначалниците за кои сметаат дека се неангажирани и рамнодушни кон гласачите.

Според истражувањето на ИРИ, додека мислењето за некои градоначалници е позитивно, мнозинството од оценетите „градски татковци“ добиле мешани или главно негативни оценки.

– Во поголемиот дел општини во Северна Македонија, градоначалниците и општинските советници треба да бидат поодговорни кон нивните гласачи и треба подобро да ги овозможуваат основните услуги и подобро да комуницираат со граѓаните за нивните локални проблеми и потреби, вели Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.

Во спротивно, според него, градоначалниците ризикуваат граѓаните уште помалку да учествуваат во локалната власт и да изгубат на претстојните локални избори.

Коронавирус