понеделник, 24. јануари 2022. Вести денес: 66
home Вести

Останките на загинатите во автобуската несреќа по десет дена пренесени во земјава

Останките на загинатите во автобуската несреќа по десет дена пренесени во земјава

По десет дена, посмртните останки на загинатите во трагичната автобуската несреќа, од Бугарија се пренесени во земјава. Пристигнаа претпладнево со два бугарски воено-транспортни авиона на Меѓународниот аеродром „Скопје“.

Летот на авионите доцнеше поради лошите временски услови во Бугарија. По нивното слетување почна преземањето на останките.

На скопскиот аеродром по овој повод беше организирана посебна церемонија на која присуствуваа државниот и воениот врв, пратеници, претставници на верските заедници, како и високи делегации од Косово и Албанија.

Припадници на Армијата ги преземаа посмртните останки од авионите и ги пренесоа до погребалните возила со кои потоа, поворката тргна кон вечните почивалишта на загинатите.

Преземањето на останките почна со едноминутно молчење на присутните.

Последна почит на загинатите им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Венци положија и претседателката на Косово Вјоса Османи, како и претседателката на албанското Собрание Линдита Никола.

Во знак на почит се поклонија и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

На загинатите почит може да им оддадат и граѓаните на плоштадот „Скендербег“ во Скопје каде се поставени венци.

Сообраќајната несреќа во која загинаа 45 граѓани, а седум беа повредени се случи на 23 ноември, на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник во Бугарија кога автобусот на „Беса транс“ – Скопје се враќал од Истанбул.

Коронавирус