петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 140
home Вести

Османи во Брисел ќе го презентира Планот 18

Османи во Брисел ќе го презентира Планот 18

Мерките предвидени во новиот реформски План 18, ќе ги презентира вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи на средбите во Брисел што денеска и утре ќе ги има со високи претставници на Европската унија.

На средбите, како што соопштија од неговиот кабинет, ќе бидат отворени и сите останати теми поврзани со европските интеграции на земјава, а во насока на очекувањата од претстојните Самити на Европската Унија кон крајот на месецот.

Во рамки на посетата Османи ќе се сретне со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, со Димитрис Аврамопулос, комесар за миграција и внатрешни работи, како и со Кристијан Даниелсон, генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување.

Во рамките на посетата на Брисел, вицепремиерот Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши ќе се сретнат и со комесарката за трговија, Сесилија Малстром, каде тема на разговор ќе бидат трговските односи меѓу Република Македонија и Европската Унија, особено предизвиците кои произлегуваат од влошувањето на односите во делот на трговијата со челик меѓу Европската Унија и САД.

Вицепремиерот Османи во Брисел ќе одржи брифинг со претставниците на земјите членки на Европската Унија во работната група КОВЕБ, а на маргините на посетата ќе има и свое обраќање за европските интеграции на Македонија пред дипломатските претставници како и претставниците на граѓанскиот сектор во Брисел, во организација на фондација Ханс Зајдл.

(Миа)

Коронавирус