четврток, 20. јануари 2022. Вести денес: 118
home Вести

Османи: Утре почнува транспортот на повредените, за посмртните останки се подготвува акциски план

Османи: Утре почнува транспортот на повредените, за посмртните останки се подготвува акциски план
МИА

Повредените во автобуската несреќа се во добра и стабилна здравствена состојба. Првите двајца ќе бидат пуштени утре, на 27 ноември, други двајца на 28 ноември, уште двајца на 30 ноември и едно лице на 1 декември. Српскиот државјанин ќе биде пренесен во Србија, а нашите во Скопје, во организација на Министерството за здравство, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Како што рече Османи на прес-конференција во Владата, повредените прво ќе бидат сместени во нашите здравствени установи се додека не бидат пуштени на домашно лекување.

За преносот на посмртните останки, акциски план ќе треба да изготви Работната група што ја формира Владата и на чие чело е токму Османи.

-Владата ги презема сите трошоци за транспортот и погребот на жртвите. Нашите очекувања се наредната недела, штом заврши идентификацијата, може да се очекува вторник или среда, со можност да се помести тој ден додека не се комплтеира идентификацијата. МНР ќе го организира транспортот на посмртните останки. Денеска имавме средба со повеќе компании кои ќе бидат ангажирани околу тоа, а наредните денови планираме средба и со семејствата за да ги испочитуваме нивните барања за предавање на телата, подвлече Османи.

Подготвени сме, додаде, за сите аспекти за пренесување на повредените и на посмртните останки на настраданите.

-Породолжуваме со комуникацијата со бугарските власти. Амбасадата во Софија ќе ги преземе сите процедури за олеснување на постапката. Во наредните денови ќе информираме за точниот датум и за движењето на преносот на посмртните останки, рече министерот.

На прес-конференцијата во Владата се и министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски, Оливер Спасовски и Благој Бочварски.

Коронавирус