петок, 24. јуни 2022. Вести денес: 116
home Вести

Османи: Нацрт-резолуцијата на ЕП нема директно влијание на бугарското вето

Османи: Нацрт-резолуцијата на ЕП нема директно влијание на бугарското вето

Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека Нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на земјава за 2021 година не е директно поврзана со ветото, туку тоа е став на европратениците, додека одлуката за вето ја носи Советот на ЕУ.

– Работевме интензивно за текстот на оваа резолуција. Ако ги гледате почетните амандмани мислам дека заедно со наши поддржувачи пратеници во ЕП, успеавме да неутрализираме обидите за наметнување амандмани што беа доста провокативни. До крај на процесот не можеме да предвидиме што пратениците и различните групи може да прифатат, меѓутоа сме во постојан контакт. Таа резолуција го искажува ставот на ЕП, но не го утврдува или не го неутрализира ветото, односно нема влијание директно на самото вето, рече Османи.

Во однос на тоа каква дипломатска офанзива ќе се преземе во врска со овие амандмани, Османи рече дека нашата амбасадорка во Брисел со целата мисија вчера била во ЕП на состаноци со секој од пратениците.

– Така правиме неколку месеци наназад бидејќи овој процес се разговара подолго време, дури и на АФЕТ имаше два амандмани кои за жал беа прифатени на самиот состанок, иако никогаш претходно не беа разговарани. Има и други два амандмани што се предложени, а кои ние сметаме дека се спорни, но ние не сме таму, бугарските пратеници се внатре во Парламентот ние се обидуваме од надвор преку контакти со наши поддржувачи да ги неутрализираме, рече Османи.

Тој повтори дека тоа нема да влијае на целиот процес, бидејќи не постојат дилеми со кој било друг, освен со Бугарија, и оти тој став не може да се наметне како европски став, но сепак треба да сме поактивни во тој дел за континуирано да ги објасниме нашите позиции.

Османи оцени дека сепак мора да се стави акцент дека резолуцијата во ЕП е позитивна, бидејќи таму јасно се вели дека билатералните прашања не треба да бидат дел од пристапниот процес.

Институтот за европска политика (ЕПИ) заедно со „Бранителите на граѓански права (Civil Rights Defenders) и членките на мрежата „Мисли за Европа“ (Think for Europe) вчера испратија отворено писмо до европратениците во врска со нацрт-резолуцијата за Извештајот на Комисијата за 2021 година за Северна Македонија.

Во писмото ги повикуваат пратениците да размислат за делови од резолуцијата и како што велат, условите поставени од Бугарија кои ќе имаат негативни импликации за македонскиот идентитет и ќе го поддржат ултиматумот што Бугарија го наметнува на земјава, користејќи го членството во ЕУ како алатка. Тие го поздравуваат фактот што предлогот за резолуција, како и претходните резолуции, повторно препорачува официјален почеток на пристапните преговори со Северна Македонија (став 5 и став 69), но посочуваат дека во неа има содржини кои целосно ја поткопуваат оваа позиција.

Тие го посочуваат и амандманот со кој што се воведува став 75-б, кој што повикува „на историско помирување врз основа на дефинираната заедничка историја, како што е предвидено со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, што според ЕПИ ќе го поддржи бугарскиот притисок да наметне сопствено толкување на историјата користејќи ја својата позиција како земја членка на ЕУ.

Дополнително, текстот во став 79 имплицира и притисок врз Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која треба самостојно и професионално да ја извршува својата задача.

– Негирањето на македонскиот јазик доведе до блокирање на потпишувањето на Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) од страна на Бугарија. Предлогот за резолуција (став 40) ‘забележува дека договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) сè уште не е потпишан поради нерешени билатерални прашања’, но не ја наведува причината. Факт е дека Бугарија го блокира потпишувањето на Договорот, приговарајќи на употребата на македонски јазик, што покажува упорна негација на македонскиот идентитет. Ова не само што е спротивно на Договорот од Преспа, туку претставува сериозен ризик за заедничките интереси на ЕУ, Северна Македонија и регионот во ситуација на геополитичка криза, се вели во писмото.

Во ЕП попладнево ќе расправа за Извештајот на европратеникот Илхан Ќучук за напредокот на земјава, во кој ЕУ се повикува да ги процени историски важните безбедносни импликации за стабилноста и единството на европскиот континент и на Западен Балкан поради рускиот напад врз Украина.

Во документот се упатува „итен повик“ до земјите од ЕУ да покажат единство со формално отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана, земајќи ги предвид геополитичките импликации и исполнувањето на официјалните барања, како што се инвестициите во доверба, стабилност, напредок и помирување во регионот, а се забележуваат и опасностите од растечката економска и енергетска зависност на целиот регион од Кина и Русија.

Се очекува ЕП да го поздрави процесот на зајакнување на односите на Северна Македонија со соседните земји и зајакнатата регионална соработка содржана во Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Се очекува европратениците да ги повикаат сите земји да продолжат да водат конструктивен дијалог за да се обезбеди целосна, доследна и совесна имплементација на двата документи, воздржувајќи се од дејствија кои би можеле да го поткопаат пристапот во ЕУ и пошироките европски интереси а Европската комисија да ги засили своите напори да го олесни дијалогот и на тој начин да го отвори патот одржлив договор.

Извештајот изразува поддршка за Скопје и Софија да најдат заемно прифатливо решение за отворените билатерални прашања и силно го поздравува политичкиот поттик за широка, конструктивна комуникација меѓу двете земји, барајќи нова заедничка основа во многу области од заемен интерес наместо дополнителни линии на поделба.

Коронавирус