вторник, 22. јуни 2021. Вести денес: 27
home Вести

Оштетени Штедачи: Што знаеме за фирмите што не платиле ниту една рата во Еуростандард банка?“

Оштетени Штедачи: Што знаеме за фирмите што не платиле ниту една рата во Еуростандард банка?“

Увидот во билансите на фирмите должници на ограбената Еуростандард банка е повеќе од поразителен. Не само што не ги враќале кредитите воопшто, туку тие не биле ниту кредитоспособни за да ги добијат истите во стотици илјади или милиони евра. Финансиските биланси покажуваат дека се работи за фирми кои се презадолжени, имаат финансиски загуби во минатите неколку години, обврски кои се десеткратно поголеми од капиталот и резервите на фирмите должници. Кај добар дел од нив нема приходи со години и истите се пред затворање. Некои од фирмите се директно избришани со ненаплатени долгови кон Еуростандард банка, не постојат повеќе. Меѓу нив има и должници со значајни суми од даноци и други давачки кон Управата за јавни приходи, со блокирани сметки. Има и фирми за кои е покренато и стечај, не се солвентни. Фирмите давале и обични меници како единствено обезбедување за кредитите, кои немаат ниту клаузули за правосилност и извршност. Ова е сликата на пустошот што е направен во банката. Секој поединечен ненаплатлив кредит е посебна криминална сторија, велат во соопштението од Здрушението на оштетени штедачи од ЕСБ банка.

Еуростандард банка пропадна поради толериран континуиран грабеж на депозити. Масовно не се плаќани рати од земените кредити со години. И тие што ги давале ваквите кредити и тие што ги примале истите, биле договорени и добро знаеле дека тие нема да се вратат во банката. Повеќе од јасно е дека изворот на криминалот со делените неповратни кредити е во раководството на ограбената банка предводено од Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски. Нивните потписи и одобренија, поединечно или групно, се наоѓаат на документите за доделените ненаплатливи кредити со кои свесно се организирал и аминувал ваквиот масовен грабеж. Паралелно на ова, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска и првиот тим од Народна банка следеле, но молчеле и ја толерирале кражбата на нашите депозити и оставиле да истата се случува. Гледале како масовно се делат необезбедени кредити во милионски суми во евра, игнорирале и дозволиле да банката биде покрадена во целост и со тоа несомнено се дел од овој организиран криминал. Сумарно, главните актери во криминалот се од раководството на ограбената Еуростандард банка и раководството на Народна банка, додека поддржувачи и соучесници се сите сопственици или управители на фирми кај кои завршиле нашите пари од ненаплатливите кредити за да понатаму истите бидат поделени во готово или трансферирани на нив познати банкарски сметки.

Денес исходот ни е добро познат. Обичните граѓани и фирми депоненти се покрадени во целост и упорно се борат за обзнанување на вистината и задоволување на правдата како и за враќање на нивните доверени лични средства во законски лиценцирана, регулирана и контролирана, но ограбена финансиска институција. И сето тоа во земја која го достигна срамното 111 место во светот за перцепција на корупцијата. Земја во која и после половина година од затворањето на Еуростандард банка, сеуште ги гледаме сите инволвирани крадци и криминалци како живеат слободно и уживаат со нашите украдени пари, а често и во улога на „жртви“ и „невини“ личности.

Ова не е обичен секојдневен грабеж. Ова е добро организиран повеќегодишен криминал од високи размери во којшто главните актери се добро познати. Останува тие да одговараат за своите криминални дела, а нашите пари да ни се вратат во целост. Крајно, државата е таа која го дозволи криминалот, но убедени сме дека и државата е таа која ќе ги врати нашите лични пари, а криминалците ќе ги казни. Тоа е затоа што на ваков начин со игнорирање и премолчување на криминалот и континуирано арогантно однесување, не се станува дел од европското семејство. Земјите кои се во тоа семејство, а и една друга водечка земја во светот, веќе јавно се обратија до нашата власт и до оние што ја водат државата за да ја поправат сликата од криминалот и корупцијата кои беснеат во нашата држава. И да го решат организираниот криминал не само декларативно туку со конкретни дела. Ако власта не не слуша нас, ограбените граѓани и фирми, ќе мора да ги слуша земјите во кои законите и правдата владеат на друг начин него што е тоа случајот во нашата држава. Бидејќи сакаме да бидеме во друштво на развиените и демократски европски земји каде владеат правото и правдата. Час поскоро. Без разлика дали се сака или не, криминалот во Еуростандард банка мора да се реши. Нашата власт може и треба да научи дека во земјите во чие друштво сакаме да бидеме, за ваков масовен организиран грабеж на обичните граѓани и фирми, главните познати актери веќе одамна ќе беа ставени во затвор, а нашите пари вратени во целост. Сигурни сме дека ќе успееме бидејќи вистината и правдата се на наша страна. Сепак, и нашиот глас далеку се слуша и знаеме дека ќе продолжи да се слуша. И за добро и за лошо. Продолжуваме понатаму!, се вели во соопштението.

ЕУРО 2020

Македонија