вторник, 22. јуни 2021. Вести денес: 37
home Вести

Оштетени штедачи: Дали молкот за Црвенковска значи одобрување на криминалот и корупцијата во Македонија?

Оштетени штедачи: Дали молкот за Црвенковска значи одобрување на криминалот и корупцијата во Македонија?

Истражувањата на Галуп покажуваат дека на секое второ лице во светот му се намалиле приходите поради пандемијата на коронавирусот, а луѓето во сиромашните земји се особено погодени со загуба на работното место. Тоа се однесува и на нас во Македонија. Покрај тоа што страдаме од загуба на нашите работни места и водиме борба за пристоен живот на нашите семејства, многу пострашен е фактот дека не покрадоа во време на пандемија и ни го земаа целиот наш имот доверен во лиценцирана и контролирана банка. Нашите лични парични средства се ограбени од криминална мрежа на измамници кои свесно и масовно го организирале повеќегодишниот грабеж на нашите депозити и средства на тековни сметки во Еуростандард банка под будното око на Народната банка. Накусо кажано, се ни покрадоа, ни донесоа неизвесност и агонија во животите на нас и нашите семејства, ни го земаа тоа што е лично наше, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

Последните неколку денови обзнанивме за злоупотребата на Павлина Црвенковска, која штотуку беше избрана за претседател на Судскиот совет, највисокиот орган за контрола на судската власт. Нејзиниот интегритет, професионален и морален кредибилитет се целосно нарушени, ги нема. Нејзиниот сопруг, Зоран Црвенковски, е дел од криминалната мрежа на измамници, кој свесно земал ненаплатлив кредит од банката и не го враќал. Долгот на неговата фирма према нас, 3.000 ограбени семејства, изнесува околу 1.600.000 евра до денот на затворање на Еуростандард банка. Сакајќи некако да го оправда ваквото негово криминално однесување, неговата сопруга, Павлина Црвенковска, јавно изјави дека фирмата на сопругот „Екопласт рисајклинг“, сега во стечај, во 2014 година влегла да инвестира во фабрика за рециклажа на пластика и за таа цел подигнала неколку кредити од Еуростандард банка, но не ги вратила поради лошото работење и околностите на пазарот, велат од Здружението.

Јавно ја прашуваат Павлина Црвенковска, како е можно нејзиниот сопруг, како сопственик на фирмата, да добива кредити од банката со негативни биланси на фирмата од 2015 до 2020 година, односно се додека не се отворил стечај за истата?

Билансите на фирмата од Централен регистар покажуваат дека од 2015 до 2019 година фирмата имала континуирани годишни загуби од 165 до 450 илјади евра, долгови од 900 илјади до 1,8 милиони евра и негативен капитал од 150 илјади до 1,5 милиони евра. Како може фирма која во 2015 година имала годишни приходи од само 32.000 евра, да враќа милионски кредит во евра? Ова ли се тие приходи во милионски износи остварени со извоз во Италија и Турција за коишто Павлина Црвенковска зборува во нејзината јавна изјава за успешната работа на фирмата од 2014 до 2018 година!? Или можеби фирмата навистина работела успешно, но парите се криеле од официјалните биланси со што истовремено се затајувал и данок, додека се краделе и парите на штедачите? Како е можно да раководството на банката одобрувало кредити без основа, а да Зоран Црвенковски ги прибирал парите во презадолжената фирма, ниту кредитоспособна за било каков кредит, со најлоша бонитетна оценка? Каде всушност исчезнаа нашите 1.600.000 евра? Тоа се неспоредливо повеќе средства од имотот наведен во анкетниот лист на Павлина Црвенковска.

Ја повикуваме Павлина Црвенковска да јавно одговори како тоа фирмата на нејзиниот сопуг нема платено ниту една рата, ниту еден денар цели 27 месеци до затворањето на банката минатата година, а да никој не реагирал ниту преземал нешто. Се јавил ли некој на Зоран Црвенковски да го врати кредитот или го имаат заборавено бидејќи можеби парите завршиле на друго место или биле поделени? Од кога тоа во Македонија се даваат милионски кредити во евра со четири пати помало обезбедување на фирми кои се презадолжени и во загуби, кои немаат никакви критериуми за враќање на било какво задолжување? Дали Павлина Црвенковска има чест и образ да биде дел од Судскиот совет, а камоли претстедател?, прашуваат од Здружението.

Зошто премиерот Заев и претседателот Пендаровски молчат за овој мега скандал, прашуваат оттаму.

Дали мислат дека со молчење и игнорирање ќе се заборави целиот сторен криминал, не само од Зоран Црвенковски, туку и од сличните сопственици на фирми должници во банката како него? Каде е министерот за правда Бојан Маричиќ да излезе јавно да проговори за едногласниот избор на личност како Павлина Црвенковска за претседател на Судскиот совет? Нели е срамно да воопшто се помисли дека таква личност може да добие кредибилитет да го води овој висок орган којшто треба да значи верба во судството и да го брани интегритетот на судската власт којашто ја претставува?

Веќе се изјаснивме. Бараме веднаш неотповиклива оставка на Павлина Црвенковска. Државната комисија за спречување на корупцијата веќе отвори предмет по нашата јавна објава и повик. Оставаме на комисијата да ја заврши својата работа и се разбира, да веднаш испита и објави, што се Павлина Црвенковска „случајно заборавила“ да наведе во нејзиниот анкетен лист. Знаеме, но оставаме комисијата да се произнесе што поскоро.

Ние немаме што да загубиме. Ни покрадоа се што можеа и сега молчат. Молчи гувернерката Бежоска, молчи Владата, молчи министерството за финансии, молчат истражните органи, органите на прогон, јавните обвинители.

Ние нема да молчиме. Во нареден период ќе објавуваме се што имаме, со факти, за сите инволвирани измамници во овој небесен организиран криминал и висока корупција во ограбената Еуростандард банка. На листата има и познати личности и високи функционери. Јавноста ќе дознае зошто се молчи. Ќе дознаат и меѓународните институции и претставништва, тие во Скопје и оние во Брисел, кои го следат овој процес. Нашата цврста верба е во вистината и правдата. Уверени сме дека освен познатата банда криминалци од раководството на Еуростандард банка, ќе се натераат и сите други инволвирани измамници да ни ги вратат нашите лични средства во целост и да одговараат за кривичните дела кои ги направиле. Времето за тоа доаѓа!

Продолжуваме понатаму!, порачаа од Здружението на оштетени штедачи.

ЕУРО 2020

Македонија