понеделник, 29. ноември 2021. Вести денес: 57
home Вести

Оризопроизводителите бараат да се прогласи елементарна непогода поради обилните врнежи и прекинатата жетва

Оризопроизводителите бараат да се прогласи елементарна непогода поради обилните врнежи и прекинатата жетва

Производителите на ориз од кочанскиот регион бараат од Владата да прогласи елементарна непогода поради обилните врнежи од дожд и неповолните услови за жетва, поради што собирањето на овогодишната реколта целосно е прекинато.

На денешната прес-конференција на Инцијативниот одбор за заштита на оризопроизводството беше нагласено дека земјоделците се загрижени што високото ниво на вода во нивите и влажноста на зрното не дозволуваат комбајните и механизацијата да се активираат, па нема да успеат навреме да ги ожнеат засеаните површини со ориз.

-Со оглед на актуелните временски услови собирањето на оризот ќе оди многу тешко, не очекуваме ниту 50 отсто од површините да бидат ожнеани. Ние немаме таква механизација што може да го извлече оризот од оваа кал. Нека формираат комисија за да направи контрола во полињата, за да видат со што се соочуваме. Мислам дека имаме квалитет на зрното и тоа ќе даде добар рандман, неодамна лупев арпа и добив 58 отсто бел ориз, но родот ќе остане на нивите. Не е вистина дека годинава реколтата ќе биде со слаб квалитет, тоа го велат само откупувачите и преработувачите оти така им одговара, истакна Здравко Арсов, земјоделец од Облешево.

Земјоделците рекоа дека не се задоволни ниту од финансиската поддршка што од Министерството за земјоделство им беше понудена на неодамнешната средба со ресорниот министер.

– По средбата со министерот Хоџа заклучивме дека тие не можат да ни понудат помош за цената што ние ја бараме, со оглед што производните трошоци во моментот изнесуваат 23 денари за килограм арпа, а со вртоглавото покачување на цените на препаратите и вештачките ѓубрива ние веќе сме во загуба и со таа цена. Мерката што ни ја понуди ја имавме пред неколку години и со неа бевме уништени, со оглед што тогаш арпата се откупуваше по 24 денари, а по дадената субвенција од пет денари по килограм, откупувачите веднаш ја симнаа откупната цена на 18 денари. Оттогаш оркупната цена никогаш не се покачи и сега сме во чиста загуба, истакна Тони Максимов од Инцијативниот одбор за заштита на оризопроизводството.

Од Инцијативниот одбор за заштита на оризопроизводството додадоа дека меѓу причините поради кои доцни овогодишната жетва на оризот е и задоцнетата сеидба затоа што водостопанското претпријатие не ја пуштило навреме водата во нивите.

Коронавирус