понеделник, 26. октомври 2020. Вести денес: 152
home Вести

Општините потрошиле два милиони евра за службени возила

Општините потрошиле два милиони евра за службени возила

Праксата на расфрлање со државни пари за купување на службени возила, покрај централната, ја продолжила и локалната власт. За само три години, македонските општини, потрошиле околу два милиони евра за набавка на службени возила и камиони.

Овој податок го објавува Центарот за економски анализи, каде што е наведено дека во периодот од 2017 до 2019 година, дури 85% од средствата, локалната власт ги потрошила за набавка за автомобили, а само 15 отсто од средствата биле потрошени за набавка на камиони за потребите на општините.

-53 од 81 единица на локална самоуправа потрошиле средства за оваа намена, што укажува дека во просек една општина во периодот од 3 години потрошила 2,5 милиони денари за набавка на моторни возила и камиони од кои само 396.797 денари за набавка на камиони, се вели во анализата.

Најголеми трошачи на државните пари за набавка на службени возила се општините од Скопскиот и Пелагонискиот регион, при што Скопскиот потрошил 47,5 милиони денари додека Пелагонискиот 23 милиони денари.

Значи, пари за компјутери за учениците чии родители не можат да им обезбедат компјутери нема, но милионски суми за набавка на службени возила општините имаат.

Инаку, во 2018 година македонската Влада со ребаланс на Буџет одвои околу 50 милиони евра, пари кои им ги додели на општините за да исплатат дел од долговите, а општината од друга страна се луксузирале со набавки на службени возила.

За време на тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски, Владата даде финансиска поддршка на сите општини во земјава, кои имаат натрупани долгови од 5,95 милијарди денари (96 милиони евра), од кои 5 милијарди денари (81 милион евра) се долгови на општините, а 950 милиони денари (15 милиони евра) се долгови на установите од областа на образованието, здравството, детската и социјална заштита кои се под надлежност на општините.

 

Коронавирус