петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 196
home Вести

Општеството и образованието

Општеството и образованието

Една изрека за образованието и воспитувањето на децата вели: Улогата на таткото и мајката во развојот на децата е важна, но улогата дедото и бабата е волшебна!

И токму во оваа речаница се состои целата суштина на изградување здрава општествена, зрела и свесна личност, личност која самостојно треба да размислува, расудува и донесува одлуки, а понатаму да се изградува и себеси низ општесвото во кое живее. Во изреката ни малку случајно не се нагласени зборовите татко и мајка, како суштина за создавањето на животот, нешто што е природно предодрено. Тие ја даваат есенцијата на постоењето на идниот човечки живот, го воведуваат детето во неговото совладување на животните навики и предизвици, при што детето ја согледува улогата и на таткото и на мајката. Тоа е од големо значење, бидејќи така се стекнува знаењето за засебната улога на таткото и на мајката, но и нивниот заемен придонес, што би значело и родово разликување. Но со одредени навестувања во воспитно-образовниот процес во рамките на основното образование се прави обид и за поинакво толкување на природното родово разликување, па таткото и мајката може да добијат и нимеричка вредност изразена како родител 1 и родител 2. Ваквиот обид за толкување на нештата е обид да се наметне нова реалност, спротивна на традиционалните воспитно-образовни вредности кои се втемелени врз природните закономерности за постоењето на светот.

Нарушувањето на природните законитости за родовата припадност кај децата ја оправдува, ако така може да се рече, сè поприсутната мисла кај младиот човек: Јас не сум политички определен, не сум член на партија, мене ми е важен само економскиот стандард итн. Овој начин на размислување е директно во корелација со обидот за наметнување на безличниот родов однос. Човекот од самото негово раѓање припаѓа и се класифицира некаде: прво е бебе наспроти дете, потоа е дете наспроти возрасен, па е маж или жена, ученик или студент, вработен или невработен, жител на град или на село, претпоставен или работник итн. Секоја оваа припадност имплицира и начин на размислување, па кога ќе дојде до општествено делување на човекот повторно се дели на лево или десно општествено-политичко расудување. Што значи, човекот природно некаде припаѓа и не може да припаѓа на безличната форма родител 1 и родител 2, нешто што наликува на бинарниот ситем во информатиката изразено со 0 и 1. Обидот да се неметне родова безличност кај децата уште од раната училишна возраст ќе предизвика безличност и во севкупното воспитание и образование во натамошниот процес.

Понатаму, не е ни малку случајна искажаната улога на волшенбата улога на дедото и бабата во развојот на детето во горенаведената изрека. Дедото и бабата, покрај повторното родово разликување, го изразуваат коренот на постоење на детето, лозата, непрекинатата низа на постоење и повратно создавање на животот – историјата во образованието и воспитувањето на детето. Тука историјата е важна за да се стабилизира емоционалната интелегенција, човекот да знае дека не е дрво без корен, но и дека тој еден ден ќе биде сегашност кој ќе обезбеди иднина за наредните генерации.

Сите овие сознанија се пренесуваат преку мајчиниот јазик, кој во основното образование е столб на когнитивниот процес на ученикот, стимул на креативното размислување преку предметот Творештво, часови за кои треба да се размилува да се развиваат, а не да се намалуваат, бидејќи нивната редукција ќе значи соучество во претходно споменатото обезличување.

Кога станува збор за мајчиниот јазик да треба да се нагласи дека основната задача на природниот човечки јазик, што значи и секој негов појавен облик, е да служи како средство за разбирање во заедницата/општеството. Тука се препознава најважното обележеје на општественот карактар на јазикот, аналогно и на функција на создавање преку јазикот, односно неговите културолошки атрибути. Тој се дефинира како организиран збир на поединечни податоци (гласови и значења), како и правила кои биваат искористени во процесите за разбирање меѓу луѓето, што би се рекло – систем со општествена функција за меѓусебно разбирање. Бидејќи разбирање надвор од заедницата/општеството и нема, односно без остварен облик на општествена организација, т.е. иманентната интеракција, може да се каже дека улогата на меѓусебното разбирање претставува појдовна, т.е. пресудна одредница во списокот на особини со кој јазикот се определува како општествена институција par exellence. Ова кратка елаборација дава клучни показатели за значењето и на мајчиниот јазик и на историјата во воспитно- образовниот процес.

Би го истакнала следново – квалитетното образование ќе придонесе за развивање општествената свест и, меѓу другото, потреба за воведување хумани политики во него. Се чувствува вакуум во духовниот и во моралниот поглед во образованието. Затоа е потребно да се внимава и да се даде лек против сите девијации за соадавање современо образование и решавање на сите дилеми кое се јавуваат за промените во образованието. Треба да се отвори нова страница за мултикултурализам, каде што секој ќе го најде својот идентитет, дури и најмалите малцинства. Така ќе постои културен современ дијалог и ќе бидат истакнати своите вредности. Негувајте ја историјата! Таа сведочи за сите нас.

Може да заклучиме – преку образованието стекнуваме капитал. Со тој стекнат капитал може да обезбедиме потенцијал за егзистенција за себе, за своето семејство, за нашето општество.

Негувајте го образованието, преку него стекнуваме сила и моќ!

ПИШУВА: д-р Снежана ПЕТРЕСКА

Коронавирус