среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 50
home Вести

Опасност од поплави во западна Македонија

Опасност од поплави во западна Македонија

Пообилни врнежи од дожд денеска ќе има во западните делови од Македонија, каде до сабота наутро се очекува да наврнат над 40 литри на метар квадратен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

За време на викендот се уште ќе има повремен дожд претежно во западните делови, а само на планините над 2000 м.н.в. ќе има повремен снег.

Од УХМР информираат дека во останатиот дел од земјава ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во сабота ќе дува и повремено засилен западен ветер, поизразен на југот и западот од земјава. Ќе настапи значително затоплување што ќе услови нагло топење на снежната покривка.

Ваквите најави на синоптичарите доколку се остварат ќе предизвикаат водите од снежниот покривач кој моментално е со голема густина, т.е. има голема содржина на влага, забрзано да истекуваат кон суводолиците и водотеците.

Во рамнините поради слабата водопропусливост, делумно замрзнати почви, почви заситени со влага, ќе се јават заезерени површини.

Според УХМР, доколку се јават интензивни врнежи можно е поројните дождовни води заедно со водите од стопениот снег за краток период да предизвикаат дополнително покачување на водостојот. Во вакви ситуации на одредени места се можни појави на локални излевања. Вакви излевања се очекуваат на места каде има стеснети протечни канали на водотеци, суводолици и канали за одводнување, на места каде има стеснувања поради зарасната вегетација, паднати дрва, дрва израснати во коритата на реките, поставени вештачки препреки, загади, импровизирани мостови и слично.

Поради најавата на ваква временска состојба која ќе услови појава на високи водостои, од УХМР предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ Македонија, а особено во делови од Западна Македонија.

Поради топењето на снегот и влагата во почва, можна е појава на одрони и свлечишта низ целата територија на државата.

Коронавирус