понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 12
home Вести

ОК Гази Баба: Една година од мандатот на Георгиевски и СДСМ исполнета со лаги, манипулации и неостварени очекувања

ОК Гази Баба: Една година од мандатот на Георгиевски и СДСМ исполнета со лаги, манипулации и неостварени очекувања

Измина една година откако Социјалдемократскиот сојуз го презеде водењето на општина Гази Баба, година на изневерени очекувања, неспособност, нереализирани ветувања и реваншизам. Со право денес граѓаните од нашата општина коментираат дека Гази Баба повеќе не наликува на општина која се наоѓа во метрополата. Ние денес сме општина на скандали и зачмаеност, а локалната самоуправа се занимава со пропагандни активности обидувајќи се за себе да креира лажна слика дека нешто работи и исполнува. Фактите говорат дека изборната програма на Борче Георгиевски за локалните избори 2017-та била лажен памфлет, оттука таа денес е пример како се потценуваат и мамат граѓаните за нивниот глас, истакна Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Стаменковска.

Георгиевски излажа дека ќе воведе гасификација во општината, како и изградба на фекална канализација во Трубарево, Јурумлери, Идризово, Гоце Делчев, Црешево, Булачани, Виниче, Смилковци, Раштак и Ченто. Мртво слово на хартија, нема ништо од ветеното. Градоначалникот на општината отиде дотаму во своите предизборни мамења при што ветуваше поголем опфат на згрижување на децата и олеснување  на животот на семејствата со ветување за изградба на детски градинки во Керамидница, Сингелиќ и Стајковци кои до денес не се воопшто започнати.

Списокот на ветени а нереализирани проекти продолжува со најавата за изградба на нов трговски центар во Маџари, катна гаража во Ченто, спортско-рекретивен центар во Црешево, отворен базен во Хиподром. Жителите на урбаната заедница Автокоманда не ја добија ветената поликлиника која Георгиевски ја најави како подобрување до пристапот на здравствени услуги, младите од оваа населба беа изневерени преку неисполнетото ветување за нова спортска сала. Водоснабдувањето за многу домаќинства од селата Раштак и Булачани се се уште незамислив проблем бидејќи градоначалникот не го реализира јавно даденото ветување дека ќе го реши во најкус рок. Тоа беше едно од првите ветувања и фалби на Георгиевски.

Нема никакви инвестиции во изградба на нови булевари, мостови, игралишта, не се реализира асфалтирање на улици, не се прават пешачки и велосипедски патеки. Секојдневното движење на граѓаните е крајно отежнато, во некои делови од општината и скоро и невозможно.

Не се гради ниту најавениот мост кој требаше да ја поврзе општина Гази Баба со општина Аеродром. Клучни локации, булевари и улици се во целосен мрак, за кои локалните власти ништо не превземаат.

Во мандатот на Георгиевски масовно се сечат дрва и се уништува зеленилото како никогаш до сега при што реакциите и протестите на граѓаните се игнорирани како што беше примерот во населбата Железара. За сметка на тоа загадувањето урива рекорди и го загрозува здравјето на луѓето.

Безбедноста во општината е намалена, граѓаните се чувствуваат несигурно.

Чести се и случаевите на партиски реваншизам преку преместувања, разместувања и разрешувања на вработени професионалци во локалната самоуправа и други институции под надлежност на градоначалникот кои професионално и законски си ги исполнуваат работните задачи. Понатаму, се прават незаконски упади во ингеренциите на директорите на основните училишта и се опструира нивното работење.

Борче Георгиевски на најгруб начин го крши Законот за локална самоуправа и се обидува да го подреди Советот на општина на своите интереси за што веќе ја информиравме јавноста. Во интерес на граѓаните, Советот на општина Гази Баба во кој мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, секогаш беше конструктивен во интерес на граѓаните, така што учествуваше и го поддржа носењето на буџетот за 2018 година како и неговиот ребалансот. Спротивно на тоа, Георгиевски вината за неговата неспособност и манипулација со дадени лажни ветувања ја префрлуваше врз советниците.

Потврда дека градоначалникот не работи за она за што му е дадена доверба е податокот дека буџетот е реализиран само 38 % и тоа

-поддршка на локален економски развој 1,36%,

-урбанистичко планирање 6,9%,

-одржување на локални патишта 7,28%,

-изградба на јавно осветлување 4,9%,

-изградба на систем за отпадни води 6,5%,

-капитални трошоци на општината 22,09%,

-програма за урбанистичко планирање и уредување на просторот околу 20%.

Пошироката јавност, сеуште му го памети скандалот со даденото одобрување за верско делување во едно основно училиште кое предизвика бран реакции и негодувања.

На повидок и е голем скандал со негирање на вољата на жителите од урбаните и месните заедници. Граѓаните денес се целосно исклучени во водењето на општината.

Ова денес е Гази Баба која незапирливо тоне и заостанува. Од развиена скопска општина се претвораме во касаба од минатиот век. Стагнација, пропаѓање и уназадување. Изневерени се младите, пензионерите, бизнисмените, спортистите и земјоделците.

Списокот на лаги е долг но Георгиевски само едно не излажа во својата предизборна програма, дека да се биде градоначалник е привилегија.

И навистина е така, Георгиевски ужива во привилегиите на грбот на даночните обврзници и граѓаните од Општина Гази Баба.

Животот дојде за него и малкумината околу него.

Коронавирус