вторник, 20. август 2019. Вести денес: 88
home Вести

ОЈО не открива дали и кога Катица Јанева ќе биде повикана на распит, за утре е повикан уште еден обвинител од СЈО

ОЈО не открива дали и кога Катица Јанева ќе биде повикана на распит, за утре е повикан уште еден обвинител од СЈО

Уште еден обвинител од СЈО ќе дава исказ за случајот „Рекет“. По Стефанова и Јосифовска, следен на листата сведоци е Бурим Рустеми. Од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не откриваат кога Рустеми ќе ја даде својата изјава.

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во интерес на постапката нема однапред да споделува инфомрации за дејствијата што ги презема во предметот, па така и за лицата што ги повикало или има во план да ги повика да дадат исказ“, велат од обвинителството.

Обвинителот Бурим Рустеми од СЈО беше спомнат во писмената изјава на Лиле Стефанова. Таа напиша дека во април годинава на состанок со неколкумина обвинители, шефицата на СЈО, Јанева им наложила да изготват извештаи за штетата која ја предизвикале осомничените од „Империја“ и „Поштенска банка“ и истите да ја платат на државата и со тоа да се затворат предметите ама и никој да не оди во затвор.

„Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продожи во следниот период“, напиша Стефанова.

Таа во истата изјава ја посочи и обвинителката Елизабета Јосифовска која по барање на Јанева го потпишала мислењето за издавање времена патна исправа на осомничениот Орце Камчев.

По оваа изјава, И двете обвинителки беа повикани на распит. Од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, засега не откриваат кога свој исказ за случајот Рекет ќе дава шефицата на СЈО, Катица Јанева. Обвинителката Вилма Русковска по искористување на летниот одмор, од денеска е на работното место. Од обвинителството со кое таа раководи велат дека во интерес на истрагата не откриваат дали и кога ќе биде испратена поканата за Јанева. Од СЈО пак велат дека засега специјалната обвинителка не е повикана за исказ за случајот „Рекет“.

Обвинителството за гонење криминал и корупција информира дека моментално за случајот се води финансиска истрага а се вештачат и одземените електронски уреди.

ИЗВОР: СИТЕЛ