среда, 22. септември 2021. Вести денес: 0
home Вести

ОФИЦИЈАЛНО: Прогласена кризна состојба од 30 дена заради зголемената појава на пожари

ОФИЦИЈАЛНО: Прогласена кризна состојба од 30 дена заради зголемената појава на пожари

Владата на денешната 95-та седница, која се одржа изутринава во 8:30 часот донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на Македонија во траење од 30 дена.

-Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа на 4.8.2021 година во попладневните часови го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари.

Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење, информираат од Владата.

За Одлуката, ќе се извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.

Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе заклучоци:

– На Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справување со кризната состојба,

– Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.

– Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба,

– Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Република Северна Македонија.

На денешната редовна седница беше усвоена и Предлог-програма за начинот, постапката и критериумите за распределба на средства обезбедени во потпрограма и Поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите, ставка Капитални дотации до Единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во Буџетот на Министерството за транспорт и врски.

Во Буџетот на Министерството за транспорт и врски во потпрограма 11-Поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите, ставка 488-Капитални дотации до ЕЛС секоја година се обезбедуваат средства за реализација на проекти од комуналната инфраструктура за места населени претежно со ромско население.

Коронавирус