четврток, 21. октомври 2021. Вести денес: 186
home Вести

Одбраната бара одолжување на „Насилство во Центар“ до разјаснување на ситуацијата со Јанева

Одбраната бара одолжување на „Насилство во Центар“ до разјаснување на ситуацијата со Јанева

Одбраната на обвинетитете во предметот „Насилство во Центар“ на денешното рочиште побара  одложување на главната расправа до целосно решавање на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е во притвор за случајот „Рекет“.

-Општопознато е дека Јанева се наоѓа во притвор за предметот „Рекет“, а таа застапува повеќе предмети пред овој суд. Ова значи дека судот ценел дека Јанева можела да го повтори делото за овој и другите предмети и одлучил мерка притвор, истакна адвокатот Димитар Дангов.

Посочи дека Јанева според законот за СЈО е единствен надлежен застапник на предметите на ова обвинителство.

– Обвинителката Фатиме Фетаи и обвинителот Гаврил Бубевски не го застапуваат предметот, туку ја застапуваат обвинителката Катица Јанева. Од тие причини сметам дека понатамошното застапување ќе претставува искористување на своите службени овластувања за преземање дејствија за кои немаат право. Правото што го нема Јанева, го немаат ниту тие. Ова претставува правна пречка за одржување на главната расправа. Предлагам судот да ја одложи правната расправа бидејќи за овој предмет не постои овластен тужител, истакна Дангов.

Обвинителката Фетаи посочи дека притвор може да се определи и по други основи и смета дека е потребно најпрво да се прибави решението за притвор на Јанева и да се види што точно се штити со таа мерка, за потоа да може да се произнесе судот по барањето за правото за нивното застапување на предметите.

-Предлагам да се обезбеди решението за притвор на Јанева, па потоа да се одлучува по предлогот на одбраната, изјави Фетаи.

По изнесените ставови на Дангов и Фетаи, судијата даде пауза за да го разгледа барањето на одбраната.

Случајот за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година го води судијата Душан Јосифов, а застапник на обвинението е Гаврил Бубевски. (МИА)

 

Локални избори 2021