четврток, 23. јуни 2022. Вести денес: 37
home Вести

Одбележување на Светскиот ден на пчелите

Одбележување на Светскиот ден на пчелите

Под покровителство на Амбасадата на Република Словенија во земјава и Програмата за зачувување на природата во Република Северна Македонија, во соработка со Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево и Здружението на пчелари од Брегалничкиот регион Меден Исток, денеска ќе биде одбележан Светскиот ден на пчелите.

На настанот што ќе се одржи во Едукативниот центар во Негрево, како што информираат од словенечката амбасада, ќе учествуваат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, амбасадорот на Република Словенија Милан Предан, градоначалникот на Општина Пехчево Александар Китански и претставници од партнерските организации од областа на пчеларството и заштита на животната средина.

Како што посочуваат, одбележувањето на овој ден е започнато на иницијатива на Словенечкиот пчеларски сојуз која Обединетите нации ја усвои во 2017 година и го прогласи 20 мај, роденденот на пионерот на модерното словенечко пчеларство Антон Јанша за Светски ден на пчелите.

Целта на настанот, според организаторите на настанот, е подигнување на свеста за важноста на пчелите како главни опрашувачи во природата од кои зависи опстанокот на планетата.

Амбасадата на Република Словенија традиционално го прославува Светскиот ден на пчелите во повеќе градови низ државата. Во последните две години овој настан се одбележува во Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево, благодарение на соработката со Програмата за зачувување на природата и Здружението на пчелари од Брегалничкиот регион Меден Исток. Заеднички, преку низа едукативни, тематски содржини и садење медоносни растенија го прославуваме значењето на пчелите и нивната важност за зачувување на животната средина и биодиверзитетот.

Коронавирус