четврток, 20. јануари 2022. Вести денес: 51
home Вести

Одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза

Одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза

Со низа активности преку социјалните мрежи денеска Националното здружение за мултипла склероза, по повод Светскиот ден на мултипла склероза – 30 мај, ќе испрати поддршка на пациентите. Во оваа кампања ќе бидат вклучени пациенти, негуватели, доктори, медицинските сестри од Универзитетската клиника за неврологија и останатите здравствени работници.

Целта е, како што наведува здружението, кревање на јавна свест за мултиплата склероза и водење организирана кампања во која се вклучени сите погодени од оваа болест.

-Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза ќе се вклучи и оваа година во одбележување на Светскиот ден на МС (World MS Day) на 30. мај годинава. Националното здружение се обединува заедно со глобалната заедница за мултипла склероза (МС) ширум светот со единствена цел за подигнување на јавната свест за мултиплата склероза и водење организирана кампања во која се вклучени сите погодени од оваа болест, соопшти Националното здружение.

Оттаму наведуваат дека мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден е „Заедно поврзани“, а темата e поврзаноста, односно градење врски во заедницата, самоповрзување, заемно поврзување со цел добивање на квалитетна нега.

-Со оваа организирана кампања ние ги предизвикуваме социјалните бариери што резултираат луѓето со МС да се чувствуваат осамени и социјално изолирани. Заедно, се залагаме за подобри услуги, остварување мрежи за поддршка и самогрижа, информира здружението.

Активностите за Светскиот ден на MС се одвиваат во тек на мај и јуни. По тој повод ширум светот се спроведуваат голем број на активности за да се покрене јавната свест за ова заболување за да се обезбеди подобра терапија, навремена и точна дијагноза, а со цел пациентите со МС да имаат подобар квалитет на живот.

Коронавирус