петок, 4. декември 2020. Вести денес: 93
Во живо

ВМРО-ДПМНЕ денес со блокада во Скопје и со протест во 20 градови, оставка на Заев веднаш!

home Вести

Од денеска повторно се отвораат добиточните пазари низ земјава

Од денеска повторно се отвораат добиточните пазари низ земјава

Од денеска повторно се отвораат добиточните пазари низ земјава кои беа затворени на 20 март годинава како дел од превентивните мерки на Владата против КОВИД-19.

Согласно решението што го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), движењето на пратки со животни може да се врши исклучиво ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба, ако се превезуваат директно во кланица, во собирни центри или на одгледувалишта кои ги исполнуваат биосигурносните услови.

На добиточните пазари се забранува ставање во промет свињи, а работењето треба да се прилагоди согласно мeрките на Владата и препораките на Министерството за здравство.

-Пред да се натоварат и по истоварот на животните, превозното средство треба да е соодветно исчистено и дезинфицирано, за што се издава потврда од страна на овластеното ветеринарно друштво. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни со непознат здравствен статус и во сите фази на движењето (товарање, превоз, истоварање и друга манипулација со животните) треба да се почитуваат сите мерки на Владата на Република Северна Македонија и препораките на Министерството за здравство кои се однесуваат на спречување на ширење на болеста COVID 19 кај луѓето. Животните кои ќе се најдат во промет без сертификат за нивната здравствена состојба, или кои не се идентификувани ќе бидат одземени, убиени и нештетно отстранети, без надомест за настанатата штета, односно, на трошок на одгледувачот, наведува АХВ.

Според Агенцијата, сите учесници во ветеринарната служба треба редовно да се информираат и да ги следат мерките кои ги носи Владата и препораките на Министерството за здравство.

-Ветеринарните друштва треба редовно да се информираат и да ги следат заклучоците на Владата и препораките на Министерството за здравство. Активности не треба да се вршат во одгледувалиштата каде има лица кои се во самоизолација, а активностите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните во населените места во кои има лица заболени од вирусот КОВИД 19 да се остават последни, односно во овие области, ветеринарните активности од овој тип ќе се спроведат кога ризикот од КОВИД 19 нема да постои, дополнува Агенцијата за храна.

Коронавирус