петок, 18. јуни 2021. Вести денес: 11
home Вести

Од денеска полициски час од 21 часот, нема да важи за претстојните празници Велигден и Рамазан

Од денеска полициски час од 21 часот, нема да важи за претстојните празници Велигден и Рамазан

Од денеска стапува во сила новата препорака на Комисијата за заразни болести. Забраната за движење ќе почнува еден час подоцна, во 21:00, но нема да важи за претстојните празници, Велигден и Рамазан, ноќта меѓу 1 – 2 мај и меѓу 13 – 14 мај.

Според Министерството за здравство, бранот полека стивнува, се помал е бројот на заболени, а попушта и притисокот за прием во болниците.

Надлежните, сепак, апелираат – граѓаните и натаму максимално да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од КОВИД-19, а посебно да бидат внимателни при празнувањето.

-Одржавме состанок со верските лидери за да ја испратиме пораката да се изменаџира влегувањето во храмовите, во црквите и џамиите, се да биде согласно мерките и протоколите. Ако продолжиме понатаму, како и досега, да бидеме внимателни, да ги почитуваме мерките, пред се, за лична заштита, негрупирање, носење маски, ќе можеме да ја исползуваме верата и традицијата без да дозволиме да се зголемат бројките, но ќе продолжи и олабавувањето на мерките. Ако, пак, се опуштиме и не ги почитуваме мерките, ќе има повторно нови затворања. Тоа никој од нас не го сака, рече вчера премиерот Зоран Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче повтори дека ситуацијата будно се следи. Потврди и дека на средбата со верските лидери се разговарало да апелираат до граѓаните да се придржуваат до превентивните мерки, бидејќи тоа, како што рече, е единствениит спас за да нема влошување.

-Подолг период наназад имавме рестриктивни мерки. На почеток полицискиот час, што во еден период даде резултат и кривата се стабилизираше, се израмни и после тоа практично беше парабола и се уште е онаа што ја имитира онаа крива од ноември. Во моментот кога почнаа да опаѓаат бројките воведовме дополнителни рестриктивни мерки, со цел процесот да се забрза, да се испразнат болниците, имајќи предвид дека пред нас се празници и поучени од искуството минатата година дека празниците беа момент на влошување на епидемиолошката состојба, рече Филипче.

Тој воедно информира дека досега се вакцинирани околу 53.000 граѓани и дека кинеските вакцини денеска треба да бидат испратени од Пекинг, а во Скопје се очекува да стигнат или на 30 април или на 1 мај.

-Кинеските вакцини на 28 април треба да тргнат од Пекинг кон Истанбул, на 30-ти од Истанбул во Белград и најверојатно или на 30-ти вечерта или на 1 мај со специјални камиони ладен ланец ќе пристигнат во Скопје, по што ќе ги сместиме во ладната соба во поликлиниката „Јане Сандански“, соопшти министерот и додаде дека дека уште истиот или следниот ден вакцините ќе се дистрибуираат во сите пунктови за масовна вакцинација по што, од вторник, по празниците, ќе почне и процесот на вакцинирање.

Последниот КОВИД-биланс во државава е 450 новозаболени, оздравен 1 001 пациент и починати 28 лица. Направени се 2.874 тестирања, а вкупната бројка на дијагностицирани е 151.122. На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 798 пациенти. Слободни кревети има. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ државата е 1368, а во КОВИД-центрите празни се околу 570 болнички кревети.

ЕУРО 2020

Македонија