петок, 18. септември 2020. Вести денес: 142
home Вести

Од денеска почнуваат разговори за новата влада

Од денеска почнуваат разговори за новата влада

По одржувањето на конститутивната седница на Собранието, од денеска почнуваат и разговорите за формирање на новата влада. Партиите кои по изборите неофицијално ги почнаа разговорите, се очекува од денеска да ги интензивираат напорите околу обезбедување мнозинство во новиот парламентарен состав и формирање нова влада.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев како што најави и по изборите, преговорите за нова Влада официјално ќе ги почне по Илинден.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски завчера во обраќањето по повод двата Илиндена од Ташмаруништа, Струшко, повтори дека „ќе учествуваат во натпреварот за формирање влада, којшто се игра до последна минута“.

Мицкоски минатата недела рече дека не поддржува широка коалиција и смета оти таквата Влада ќе биде неефикасна, бидејќи тоа се докажало и со техничката влада.

Мицкоски тогаш истакна дека нема ништо конкретно околу преговорите за нова Влада и оти досега се сведува на „мерење на политичките сили“. Тој оцени дека не би се изненадил ако никој не успее да формира влада, не ја исклучува можноста за нови парламентарни избори наесен.

Претседателот Пендаровски минатата недела најави дека мандатот за состав на идната влада ќе му го довери на оној ќе го увери дека стасал до мнозинство во Собранието.

Посочи дека уставната норма е кристално јасна – мандатот го добива кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието и тука претседателот нема буквално никаков маневарски простор.

-Најконкретно, ќе го доделам мандатот на кој било претставник на која било од 6-те изборни листи кои освоија пратеници во парламентот, кој ќе ме увери дека има мнозинство од 61 пратеник, потенцира Пендаровски во минатонеделното интервјуто за „Фокус“.

Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.

На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.

Коронавирус