недела, 1. август 2021. Вести денес: 0
home Вести

Од денеска дистрибуција на вакцините „Синовак“ во центрите за имунизација

Од денеска дистрибуција на вакцините „Синовак“ во центрите за имунизација

Епидемиолошката ситуација во државата е стабилна и само мал број пациенти се лекуваат во болниците. Министерот за здравство Венко Филипче вели, доколку продолжи овој тренд би можело да се случи во август или на почеток на септември годинава да се прогласи крај на епидемијата.

За да се прогласи крај на епидемијата, потребно е да нема нови дијагностицирани случаи два репродуктивни циклуса од 14 дена, а предвидувањата покажуваат дека ако продолжи овој тренд тоа би можело да се случи во август или на почетокот на септември оваа година.

Од денеска почнува дистрибуција на вакцините на „Синовак“ во сите центри за имунизација и во центрите за масовна вакцинација, односно спортските сали и здравствените домови. Филипче посочи дека со ова се спремни за една динамика на давање прва доза на вакцина на 10 до 15 илјади граѓани на ден, како и дека од 15-ти или 20 јули е предвидена да започне теренската вакцинација.

Петстоте илјади вакцини на кинескиот производител „Синовак“ што ги набави Владата пристигнаа во неделата. Станува збор за најголема пратка вакцини пристигната во земјава.

За ефикасноста и безбедноста на вакцината „Синовак“, Филипче порача дека таа е високо ефикасна за превенција на тешка болест.

– Еве ги официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки, како и кај други возрасни лица, напиша Филипче на „Фејсбук“.

Здравствените експерти повикуваат на масовна вакцинација, бидејќи според нив тоа е единствениот начин да се заврши епидемијата.

– Соочувањето со новиот бран на нов сој на делта вирусот ќе направи луѓето да станат посвесни дека масовната вакцинација е единствениот начин да се заврши оваа пандемија, заклучија д-р Драган Даниловски, д-р Александар Петличковски, д-р Александра Грозданова и министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната трибина на тема „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“.

Д-р Драган Даниловски истакна дека индискиот мутант или делта варијанта, која што веќе е присутна во преку 92 земји, веројатно не може да не избегне и нас, но порача дека е потребно да се учи од туѓите и од сопствените искуства од изминатиов период и дека масовната вакцинација е единствениот излез од оваа ситуација.

– Јавното здравје го штитиме со масовна вакцинација во што пократко време, значи нема друга опција освен што помасовно да се опфати населението во што пократко време, односно летово да се опфати што поголем број на граѓани со две дози на вакцини. Делта варијантата е толку продорна, толку е повеќе заразна што е потребно праг на колективниот имунитет меѓу 80-85 отсто вакцинирани за да може да се смета на многу мал ризик за епидемиско ширење, заклучи д-р Даниловски.

На вчерашната трибина беше истакнато и дека не постои вакцина која нема несакани ефекти, односно дека со сите вакцини се поврзуваат некакви несакани ефекти. Но, како што велат експертите кога ќе се разгледаат бројките станува јасно дека се работи за исклучително безбедни вакцини.

Доктор Александар Петличковски вели дека е мал процентот на оние кои ја имале првата алфа варијанта на коронавирусот да се заразат со нова делта варијанта, бидејќи студиите што се достапни покажуваат дека имунитетот стекнат со прележување на болеста или со целосно вакцинирање е прилично ефикасен. Објасни дека ефикасноста се мери на неколку нивоа, првото е инфективноста на делта варијанта кон прележани или имунизирани лица, второ е тешка болест и трето е исход од болеста. Како што вели, за тешките форми на вирусот и хоспитализација е јасно дека имунитетот во голем дел штити од повторна зараза.

Д-р Даниловски напомена дека најважно од се е што сите вакцини нема да дозволат тешки симптоми и умирање од вирусот.

Во текот на претходното деноноќие, од направени 1.342 тестирања беа регистрирани три нови случаи на Ковид-19, сите во Скопје, а оздравеле шест пациенти. Повторно не се регистрирани починати лица.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.676, бројката на оздравени пациенти е 149.967, на починати е 5.484, а бројот на активни случаи изнесува 225.

Коронавирус