сабота, 16. февруари 2019. Вести денес: 0
home Вести

ОД ДЕНЕСКА: Бебињата наместо на една година ќе се вакцинираат со МРП на 6 месеци

ОД ДЕНЕСКА: Бебињата наместо на една година ќе се вакцинираат со МРП на 6 месеци

Сите родители кои имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на Град Скопје, од денеска треба да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцината.

Досега, според календарот за имунизација кој важи на територија на Република Македонија првата доза од МРП се даваше веднаш по првиот роденден.

Родителите пак, кои имаат деца на училишна возраст, а не се ревакцинирани или воопшто не примиле МРП вакцина, да ги вакцинираат децата, и ова се однесува за сите деца кои живеат во Македонија.

Ова е препорака на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство која денеска имаше состанок и донесе нови, дополнителни мерки за заштита на населението од епидемија на морбили.

Комисијата му предложи на Министерството да се почне со теренска вакцинација.

Родителите кои ќе се посомневаат дека нивните деца се заразиле со морбили, или имаат висока температура или пак веќе имаат осип на кожата прво да се јават на преглед во пунктови во Здравствените домови и по проценка на лекар од пунктовите, само со упат да се насочуваат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, велат од Министерството.

За да се намали притисокот од пациенти на Клиниката за детски болести и Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, граѓаните се упатуваат во трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“. Во овие пунктови има дежурни лекари кои работат секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот.

Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови, соопштија од Министерството за здравство.

На средбата беше констатирано дека вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење. Комисијата укажа дека само со колективен имунитет, или 95 отсто вакцинирано население со МРП вакцината, ќе може да ја спречиме епидемијата и смртноста кај населението, кај најранливата категорија, децата кои воопшто не примиле вакцина поради возраста или поради некои други хронични заболувања. Сите предходни мерки кои ги донесе Комисијата сѐ уште се на сила.

Тоа значи дека децата кои не се вакцинирани со МРП нема да се примаат во градинките, се апелира за интензивна и неодложна вакцинација на децата кои се во добро здравје за да се подигне колективниот имунитет. Да се вакцинираат сите здравствени работници кои имаат непосреден контакт со пациенти заболени од морбили. Најстрого се забранува и посета на болни во сите здравствени установи.

Морбилите се високо заразно заболување кое лесно се пренесува по капков пат. Едно лице со морбили (мали сипаници) може да зарази 9 од 10 лица околу него кои не се вакцинирани.

Досега се вакцинирани 6.276 деца само во Скопје, а пред прогласувањето на епидемијата во населбата Радишани, на 19 декември годинава, беа регистрирани околу 15 илјади невакцинирани деца со МРП вакцина. Родителите треба многу сериозно да ги сфатат насоките и од Комисијата за заразни болести и да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство.

-Потсетуваме дека покрај вакцинацијата, не постои друг лек во светски рамки кој е познат на медицината базирана на докази. Со апстиненција од вакцинација, родителите го доведуваат своето дете во огромен ризик. МРП вакцината е со одличен квалитет, од европски производител, има добар рок на траење и поседува два сертификати за квалитет. Апел до родителите да ги вакцинираат децата, само така ќе ја спречиме епидемијата и ќе заштитиме некое друго дете од зараза и смрт поради компликации од морбилите, велат од Министерството.

Вчера почина 13-месечно бебе од компликации од мали сипаници на Клиниката за детски болести. Ова е трет смртен случај за три дена, откако битката со живот ја загубија уште едно 13 месечно и едно шестмесечно бебе.

По одлуката на Комисијата за заразни болести да се вакцинираат бебињата со полни 6 месеци со МРП вакцината, Македонија ја има најниската граница во светот.

Македонија

Досега во Македонија првата доза од МРП вакцината се примаше на 13 месеци, додека втората на 6 години, односно прво одделение.

Европа

Сите земји на Европската унија вклучија две дози на вакцина против мали сипаници и првата се прима од 12 до 18 месеци. Претходните студии покажаа дека вакцината против морбили кога се дава во две дози, најмалку 98 проценти од примателите на вакцина развиваат заштитен имунитет против болеста.

САД

Во САД децата треба да добијат две дози од МРП вакцината почнувајќи со првата доза од 12 до 15 месеци, а втората доза од 4 до 6 години.

Британија

Во Британија МРП вакцината се прима во рок од еден месец по нивниот прв роденден, додека втората децата ја примаат пред да започне школувањето во периодот од 3 години и четири месеци.