среда, 20. ноември 2019. Вести денес: 179
home Вести

Од ден во ден се поголем број сомнежи и нелогичности околу проектот со хеликоптерите

Од ден во ден се поголем број сомнежи и нелогичности околу проектот со хеликоптерите

Од ден во ден сомнежите дека постојат матни бизнис интереси во проектот со двата хеликоптери за итни потреби, кај јавноста стануваат се поголеми. Приказната на Владата и генералниот секретар Драги Рашковски, дека државата нема да потроши ниту еден денар, а услугата за граѓаните ќе биде бесплатна, некако е премногу бајковита за да е вистината.

На брифинг со новинарите Рашковски соопшти дека Центарот за обука на пилотите кој е во сопственост на државата, немало да биде користен во ова јавно приватно партнерство. Ова се коси со пишаното во физибилити студијата, која новинарите вчера ја добија, по повеќе од една недела откако беше објавена мерката. Рашковски посочи и дека приватниот партнер ќе добие само локации за изградба на хелиодроми, но и во овој сегмент физибилити студијата вели друго.

-Објектот во кој се предвидува реализација на ЈПП проектот (Центарот за обука на пилоти) е во сопственост на Владата на Република Македонија. Приватниот партнер ќе се стекне со право на користење на објектот заради извршување на јавна услуга. За ефикасно извршување на јавната услуга јавниот партнер на приватниот партнер треба да му даде и право на користење без надомест на: воздушниот простор на Република Македонија, на аеродромите, леталиштата и хелиодромите во Република Македонија, се вели во физибилити студијата.

Опозицијата и денеска на прес-конференција обвини дека ова е криминален проект на премиерот Зоран Заев и Драги Рашковски.

-Да не се лажеме, Заев и Рашковски се кријат. Ги кријат фактите мислејќи дека јавноста ќе престане да прашува каде ќе завршат 72 милиони евра. Јасно е дека ќе отидат во нечиј џеб овие 72 милиони евра. Затоа Заев не убедува дека тоа немало да бидат од буџетот, но најверојатно ќе бидат од патарини или авионски карти. Значи не по врат, по шија, изјави денеска Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Алфа постави прашање директно до сопстевникот на шведската компанија, кој е газда и на Сархемс во Македонија, Саша Џаковиќ, зошто решил да инвестира во Македонија, каков финансиски бенефит очекува од инвестицијата, но одговор не добивме.

ИЗВОР:АЛФА