сабота, 14. декември 2019. Вести денес: 19
Во живо

ВО ЖИВО: Прес-конференција на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски

home Вести

Обвинителството останува на првичното обвинение за „Монструм“

Обвинителството останува на првичното обвинение за „Монструм“

Во Кривичниот суд во Скопје денеска почна повторното судење за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година.

Судскиот процес, кој го води судијата Огнен Ставрев, почна со читање на обвинителниот акт.

Обвинителот Наум Пановски рече дека остануваат на првичниот обвинителен акт, со кој обвинетите се товарат за тероризам.

Шест лица беа осудени во „Монструм“ на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам.

На обвинителна клупа денеска се четворица обвинети, додека првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои има меѓународни потерници со години се во бегство во Косово.

На 24 ноември Врховниот суд на Република Македонија ги уважи жалбите на одбраната за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Првостепената и второстепената пресуда за предметот се укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.

Јавната обвинителка Лилјана Спасовска тогаш побара укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување поради неутврдена фактичка состојба, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Самил Љута.

По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

МИА