четврток, 21. октомври 2021. Вести денес: 59
home Вести

Обвинетиот во случајот со купопродажба на станови сè уште не е приведен, доставил медицинска документација до судот за „оправдано“ отсуство

Обвинетиот во случајот со купопродажба на станови сè уште не е приведен, доставил медицинска документација до судот за „оправдано“ отсуство

Обвинетиот во случајот со измамата при купопродажба на станови која ја обелодени МИА сè уште не е приведен. Од Основниот Кривичен суд – Скопје за МИА велат дека тој доставил медицинска документација дека бил здравствено спречен да дојде на изминатото рочиште, на кое поради отсуството му беше определена мерката притвор.

До судот, обвинетиот доставил и потврда за уплата на дел од сумата која што ја побаруваат оштетените, а до моментот на објавување на текстот, до МИА, оштетените пријавија дека се вратени само 50 евра.

Станува збор за обвинетиот во случајот со измамата при купопродажба на станови, кој не се појави на последното рочиште, откако претходно изјави дека до тогаш ќе обесштети дел од сумата, а до крајот на октомври ќе го врати целиот износ од околу 48 илјади евра со кои оштетил 10 граѓани.

Од Основниот кривичен суд – Скопје дополнуваат дека медицинска документација, заедно со потврдата за уплата, е доставена до надлежниот обвинител кој постапува во предметот и на следното рочиште обвинителот треба да се произнесе дали останува на предлогот да има решение за притвор или ќе се согласи на поблаги мерки.

Обвинетиот, 41 годишен скопјанец, се товари за Кривично дело – Измама, бидејќи, според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.

Процесот на договарање за купување на становите траел сѐ до моментот кога купопродажниот договор требало да се однесе на нотар, при што агентот, тогаш, настапувал со разни оправдувања дека не е во можност да се сретне со купувачите, поради боледување, отсуство на сопственикот, и слично, по што купувачите сфатиле дека се работи за измама и веднаш го пријавиле случајот.

МИА го обелодени случајот и континуирано бараше одговори од пријавата за „Измама“, која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот, како и постапката која ја поведе Обвинителството и определените мерки за претпазливост, па сè до Обвинителниот предлог кој следуваше веднаш по укажувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум ги споделија своите сведоштва.

Застапник на обвинението е обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска а случајот го води судијата Александра Ристеска. (МИА)

Локални избори 2021