понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 121
home Вести

Образование во време на КОВИД-19: Што научивме и како до посилно образование?

Образование во време на КОВИД-19: Што научивме и како до посилно образование?

Покрај сите негативни последици што ги носи со себе светската пандемија, гледам и светло на крајот од тунелот. Истата таа криза нè научи колку се важни училиштата, колку е празно секојдневието без училишните клупи и звукот на ѕвоното. Колку недостасува присуството на наставниците и соучениците, колку вреди вревата и џагорот, пишува Петре Талески.

Неговата колумна ја пренесуваме во продолжение:

Можеби една ваква светска криза беше најдоброто нешто што можеше да ни се случи за да се осврнеме кон образованието. Да кажеме стоп и да започнеме од нула, да ги преиспитаме приоритетите и целите. Да сфатиме колку е суштинско образованието, која е неговата клучна улога во подобрување на целокупните случувања кај нас.

  1. Наставниците се непресушен ресурс со кој треба да се гордееме и во чијашто наобразба мора постојано да се вложува. Крајно време е притисоците од страна на општествените чинители да престанат. Кога институциите и родителите ќе покажат поголема почит и разбирање за наставниците, кога нивниот однос ќе биде здрав и ќе се заснова на меѓусебна доверба, само тогаш учениците ќе веруваат во своите идоли – наставниците.

Заклучок: На наставниците им е потребна максимална поддршка и слобода во креирање на наставните содржини. Да се изнајдат начини како да се вреднува влогот и трудот на поединците, но и училиштата коишто вложуваат напори од невидени размери да ја доближат материјата и покажат грижа по дигитален пат.

 

  1. Дигитализацијата на образованието ја забрза и обремени нееднаквоста во системот. Иако нееднаквоста беше видлива и претходно, во моментов галопира со невидено темпо. Голем број ученици немаат пристап до основните реквизити за следење настава. Немаат стабилен интернет, соодветен ИТ уред и придружна опрема. Од суштинска важност е да се инвестира во дигитално оспособување на сите ученици бидејќи новите технологии се тука за да останат.

Заклучок: Да се инвестираат средства со цел секое дете да располага со неопходните средства за следење на наставата онлајн. Мобилен телефон не е решение бидејќи не овозможува квалитетно следење на наставниот процес и често се злоупотребува.

 

  1. Доживуваме квантен скок во поглед на технологијата. Ако некогаш иновацијата беше ставена на маргините на образованието, сега истата доаѓа до израз и се цени повеќе од кога било. Ова е вистинска можност да започнеме да ги подготвуваме учениците за новото утре и предизвиците на иднината. Тука не зборувам само за користење социјални медиуми, туку за корисни алатки и апликации неопходни за длабоко продирање и успех во деловниот свет.

Заклучок: Итна дигитализација на сите наставни материјали. Ефикасна дигитализација на методите на оценување што ќе доведе до автентични резултати. Од суштинска важност е наставниците да се стекнат со напредни ИТ вештини за истото да го пренесат на учениците. Бидејќи нели, напредни и вешти наставници, напредни и вешти ученици!

 

  1. Образованието доби нови и посветени сојузници. Тоа се родителите, тоа е општественото опкружување, тоа се институциите. Но, пред сè, родителите. Ако досега беа на работ на образовниот процес или ја играа улогата на подучувачи во домашни услови, ова мора да се промени. Меѓу другото, родителите мора редовно да се информираат и да им се даде можност активно да учествуваат во процесот на носење одлуки. Преоптоварувањето со обврски дома не е решение! Нивната улога треба да биде во рамките на нивните финансиски и временски можности, но да е активна.

Заклучок: Наставниците, родителите и општеството да бидат дел од еден нераздвоен триаголник на поддршка, надополнување и разбирање. Учениците го симулираат однесувањето на возрасните; да им дадеме пример што вреди да го следат!

 

  1. Се менува јадрото на наставниот процес и пренесувањето на знаењата. Сега, повеќе од кога било, ни се потребни повратни информации од учениците. Секако, не смее да се занемари и социо-психолошкото влијание врз учениците и наставниците. Оттука, образовниот процес мора да заземе еден холистички пристап со опфаќање теми од областа на јавното здравје, исхраната, физичката активност и социјалната заштита.

Заклучок: Образованието станува интередисциплинарно од повеќе аспекти. Јадрото на наставата не може да се потпира само на еден учебник или преземени поглавја од некоја странска публикација. Учењето е динамичен процес кој бара постојани промени и адаптирања. 

Неопходно е да останеме во чекор со промените, а со тоа образованието да го следи теркот на развојните случувања. Неспорно е дека се соочуваме со нова ера што очигледно ќе го промени образованието засекогаш. Наша задача, како наставници, е постојано да се прилагодуваме на новата реалност и со уште поголем жар да ги пренесуваме знаењата и вештините на идните генерации. Генерации коишто ќе бидат конкурентни на светскиот пазар и ќе вложуваат во развојот на нашата земја.

И за крај, како подобро би го резимирал моето излагање освен со цитат на добитничката на Нобелова награда за мир Елен Џонсон Сирлиф: „Слушајте го својот народ, можеби не е најобразован, но многу знае“. Мисла вредна за споделување и подлабока анализа.

 

Петре Талески

Коронавирус