понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 10
home Вести

Објавен Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта

Објавен Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта

Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2019/2020 година, обезбедува вкупно 35.690 ученички места и тоа 24.581 на македонски наставен јазик, 10.123 на албански наставен јазик, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик. Бројот на ученици запишани во деветто одделение во учебната 2018/2019 година е 20.030 ученици.

За стручно образование во четиригодишно траење предвидени се 18.365 слободни места, за стручно образование во тригодишно траење се предвидени 5.490 слободни места, додека за стручно образование во двегодишно траење предвидени се 408 слободни места. За гимназиско образование предвидени се 10.713 слободни места.

Од учебната 2019/2020 година во сите средни стручни училишта ќе започнат да се реализираат новите наставни планови и 1040 модуларно дизајнирани наставни програми за стручно образование со четиригодишно траење (во сите 14 струки и тоа за сите 52 образовни профили/квалификации од 4то ниво согласно Националната рамка на квалификации), кои предвидуваат воведување на учењето преку работа во трета и четврта година како интегрален елемент во системот на техничко образование и зголемување на учеството на практичната настава и вежби за учениците.

Во рамки на конкурсот, а согласно барањата на компаниите, предвидено е имплементацијата на концептот на дуално стручно образование кој беше воведен минатата учебна година преку воведување на нов образовен профил – техничар за индустриска мехатроника од електротехничка струка во две училишта (СОУ „Киро Спанџов Брко“ во Кавадарци и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид), оваа година да се прошири со воведување на наведениот образовен профил и во две други стручни училишта (СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп и СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ во Битола). Дополнително, во рамки на концептот на дуално стручно образование предвидено е и воведување на уште еден нов образовен профил од областа на машинството – техничар за производно машинство кој ќе се реализира во три пилот училишта (ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп и ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес).

Компаниите кои се вклучени во имплементацијата на концептот на дуално стручно образование ја превземаат обврската да ги покријат трошоците за пат, да обезбедат топол оброк и паричен надомест за учениците додека се на практична обука и најважно да им понудат вработување по завршување на образованието.

Имајќи го предвид фактот дека во изминатиот период значително се зголеми интересот и за образовниот профил електричар – електромонтер на електроенергетски мрежи, кој се реализира во две паралелки во СЕУГС “Михајло Пупин“ во Скопје, а во соработка со ЕВН, од оваа учебна година овој образовен профил ќе започне да се реализира и во една паралелка во СОТУ „Гостивар“ – Гостивар.

При пријавувањето за гимназиско образование потребно е учениците уште при самиот упис да се определат согласно своите афинитети, за соодветното подрачје и комбинација (А или Б) што ќе ја изучуваат во текот на нивното образование.

Учениците треба да ги поднесат следните документи при пријавувањето:пријава за запишување (пријавата за запишување ученикот ја подигнува од училиштето во кое ученикот сака да се запише и истата е бесплатна); оригинални свидетелства од VI до IX одделение; дипломи, (доколку имаат) од освоени (I, II и III) места од меѓународни и државни натпревари од мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје; извод од матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавањето).

Учениците при пријавувањето во спортската академија треба да достават и потврда за способности за спортски вештини за спортот за кој ученикот е проверуван.Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во еден уписен рок со три пријавувања (две пријавувања во месец јуни и едно пријавувања во месец јули).

Првото пријавување и запишување на учениците се врши на 17 и 18 јуни 2019 година, а ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 19 јуни 2019 година.Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 21 јуни 2019 година, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 21 јуни 2019 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.

По објавување на ранг листите со резултатите од запишувањето, учениците кои не се запишани во училиштето, задолжително ја подигнуваат целокупната доставена документација поднесена во училиштето во рок од 48 часа, а училиштата имаат обврска да ја вратат целокупната документација на учениците во наведениот рок.

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни 2019 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни 2019 година.
Третото пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 1 јули 2019 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 2 јули 2019 година.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, на 26 август 2019 година за што доставуваат доказна документација.

Пријавувањето за програмата Меѓународна матура во Гимназијата „Јосип Броз Тито” се врши од 6 до 16 мај 2019 година.

Училиштата по првото пријавување, можат да го намалат утврдениот број на минимум поени дадени во Конкурсот најмногу до 10 поени, освен за гимназиско образование, економско – правна и трговска струка и здравствена струка. Училиштата се должни со интерен оглас за второто пријавување, односно третото пријавување да го истакнат утврдениот минимум поени со кои е можно учениците да конкурираат за запишување во определен план и програма. Објавувањето на минимумот поени треба да се изврши на 21 јуни 2019 година за второто пријавување, односно на 28 јуни 2019 година за третото пријавување. Намалување на поените нема да има во гимназиско образование, економско – правна и трговска струка и здравствена струка. Конкурсот е објавен на www.mon.gov.mk.

Коронавирус