Бројните сведоци потврдија дека МВР имало потреба од набавка на вакво возило, а според вештакот сведок, кој без лиценца извршил вештачење, компанијата Мак Ауто Стар во оваа набавка направила вообичаена провизија што значи немала екстра профит. Кои се тогаш мотивите и интересите на обвинетиот Ѓоко Поповски?, праша адвокатот Стерио Зиков.
Според него, од материјалните и од вербалните докази се докажа спротивното. Направена е вообичаена јавна набавка, обезбедени се пари од буџетот и објавена тендерската документација.
-16 економски оператори кои се пријавиле на тендерот не поставиле ниту едно прашање, барање или измена во врска со тендерската документација. Значи никој не бил дискриминиран или оштетен. Обвинетите можеле да го купат ВИП возилото во директна набавка доколку сакале и економските оператори не би имале можност ниту права да бараат замерки на документацијата. Но, решиле тоа да го сторат по пат на тендер со цел да дојдат до најефтина цена од понудивачите.
Неможноста за фаворизирање го потврди и сведокот Зоран Василевски кој бил вработен во Аутомакедонија, кој рече дека во Македонија во 2006 година е донесен закон за антимонопол па, компанииите можат да продаваат автомобили за кои тие не се генерални застапници.
-Докажавме дека тезата на СЈО дека Никола Груевски ја искористил својата положба и ја фаворизирал компанијата Мак Ауто Стар не е точна, рече адвокатот Сања Алексиќ во своите завршни зборови во Тенк.
*дел од завршните зборови на Зиков
Во однос на тврдењето дека Ѓоко Поповски, тогашен на помошник на министерот во Секторот за општи и заеднички работи, ги пречекорил своите овластувања и сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, така што тој да ја искористил својата службената положба и овластување при вршење на јавни набавки и незаконски да го повласти – фаворизира економскиот оператор Мак Аутостар ДООЕЛ Скопје, во текот на постапката обвинителството не предложи ниту еден доказ со кој би се аргументирало ваквото тврдење.
Напротив, во доказната постапка недвосмислено се потврди дека на Ѓоко Поповски, целосно му било пренесено овластувањето за спроведување на јавните набавки и тој постапувајќи во рамките на своето овластување (како лице со генерално овластување и пренесено овластување да спроведува постапки за јавни набавки во МВР од 2012 кои всушност претставуваат континуитет и обновување на овластувањето што го добил во 2008 година), во согласност со член 28 од ЗЈН, ги донел потребните акти поврзани со конкретната набавка, односно како што пропишува законот во својство на овластеното лице за спроведување на јавните набавки, во рамките на средствата кои биле обезбедени со буџетот за 2012 година донел Одлука за јавна набавка. Врз основа на оваа одлука изготвена е Тендерската документација, чиј составен дел е и техничка спецификација за карактеристиките на возилото. Наспроти тврдењето на СЈО, од исказите на сите сведоци кои биле директни учесници во постапката, без разлика дали се предложени од СЈО или од одбраната и од изведените материјални докази, не произлезе дека обвинетиот Ѓоко Поповски ја изготвил или учествувал во изготвување на техничката спецификација како составен дел од тендерската документација.
Пропаѓаат тезите на СЈО
Пропаѓа и тезата на СЈО дека ВИП возилото било однапред порачано, бидејќи во тој период по електронски пат биле нарачани повеќе возила од тој тип, но според датумите јасно се гледа дека возилото Мерцедес с600 Гард е нарачано по затворањето на јавната набавка.
Според исказот на Зиков, од аудио разговорите се потврдува и тоа дека никој од обвинетите не го познавал генералниот директор на Мак Ауто Стар, Зоран Марковски и не направил разговор и договор за набавка на возилото. СЈО со ни еден доказ не докажа дека обвинетиот Ѓоко Поповски извршил дело за кое се товари.
Во врска со цената на ВИП возилото, бранителот Зиков рече дека кај народот е претставена како расипништво во време на слаба економска моќ. Но, безбедноста на домашните и странските лица кои доаѓаат во земјава е скапа и чини многу пари.
Иако СЈО ја спори висината на проценетата вредност на набавката и постапката за нејзиното утврдување, повторно МВР со писмено појаснување кое подоцна беше потврдено и со искази на сведоци, во целост го побива и ова тврдење на СЈО и појаснува дека согласно Законот за јавни набавки врз основа на утврдените извори на финансирање договорниот орган донесува план за јавни набавки во кој се утврдува проценетата вредност и видот на постапката за набавка, а проценетата вредност и наачинот на проценување на истата ја прописшува министерот за финансии и според овој правилник во случај на промена на проценетата вредност не е потребно да се менува планот за јавни набавки.