понеделник, 21. октомври 2019. Вести денес: 16
home Вести

Ново Лисиче и Аеродром без струја, невремето се движи кон западна Македонија

Ново Лисиче и Аеродром без струја, невремето се движи кон западна Македонија

Скопските населби Ново Лисиче и дел од Аеродром вечерва се без електрична енергија по поројните врнежи од дожд и грмежи.

Портпаролот на Центарот за управување со кризи, Надица В’чкова во изјава за Курир вели дека екипи на ЕВН се излезени на терен и работат на нормализирање на состојбата. В’чкова вели дека вечерва, по вториот бран на пороен дожд, нема нови пријави во ЦУК за поплавени домови или други штети.

Од ЦУК по денешните попладневни врнежи информираа дека дежурните екипи на ЈП Водовод и Канализација интервенираа на црпење вода од сообраќајниците и подвозниците каде што таа обично се собира (бул.Никола Карев, бул.Србија и сл). Исто така дежурните екипи во попладневните часови црпеa вода од подрумски простории во Сингелиќ и Драчево (вкупно на двете локации околу 50тина интервенции).

Поројниот дожд кој вечерва повторно го зафати скопско се сели кон западна Македонија. Патеката на оваа воздушна маса се очекува да води кон југозападниот дел од земјав,а но постепено интензитетот се очекува да се намалува.

Синоптичарите информираа дека во вечерните и во ноќните часови се очекува стабилизирање на временската состојба, по невремето во делови од државата со поројни врнежи од  дожд, проследени со грмежи и со засилен ветер.

Оттаму информираат дека постепено влажната воздушна маса се поместила кон западните и југозападните делови на земјава, каде  сеуште има поројни врнежи од дожд, проследени со грмежи и со засилен ветер.

Според УХМР, утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од северен правец. Во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, а сеуште локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни. Минималните темпартури ќе се движат од шест до 13 степени, а максималните од 20 до 29 степени.

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди, попладне со услови за краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од  северен правец. Температурата од 13 до 26 степени.

Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во попладневните часови. Во вторник и в среда појавата на пороен дожд и грмежи ќе биде поретка и со послаб интензитет.