вторник, 19. јануари 2021. Вести денес: 21
home Вести

Новинарите на удар- Власта нема толеранција кон критички настроените медиуми

Новинарите на удар- Власта нема толеранција кон критички настроените медиуми

Новинарите на удар. Власта нема толеранција кон критички настроените медиуми.

„…Во текот на еден подолг период, јас, сопствениците и менаџерите на „Слободен печат“ различно гледаме на прашањето на уредувачката политика, на потребата на кој начин еден слободарски весник треба да негува критички однос кон властите во насока на засилени заложби за добро и одговорно владеење, вели новинарот Бранко Героски, во писмото со кое ја образложува својата оставка од функцијата главен и одговорен уредник на дневниот весник Слободен печат.

На овој последен случај во медиумите и новинарството реагираше Здружението на новинари на Македонија. Оттаму потсетуваат дека „Уставот на Република Северна Македонија ја гарантира слободата на изразувањето, а цензурата е забранета“. Од ЗНМ се повикуваат и на Законот за медиуми со членот 8 му дава право на одговорниот уредник да ја води реализацијата на содржините што се објавуваат во еден медиум. Сопствениците и менаџерите на медиумите не смеат да се мешаат во работата на уредниците и новинарите се додека тие работат во согласност со новинарскиот кодекс.

-Бараме од косопственикот и управител на Слободен печат ДОО Скопје да ги образложи мотивите за недоразбирањата и дали оставката на колегата Героски доаѓа како резултат на притисоци кон него заради уредувачката политика, повикуваат од ЗНМ.

Деновиве бевме сведоци на вербален напад од премиерот Зоран Заев кон новинар на Инфомакс.мк. Следеше осуда од страна на Македонската асоцијација на новинари (МАН).

-Премиерот тврди дека е транспарентен, а обвинува новинари за нарачани прашања. Нема незгодни прашања, има прашања на кои секој избран или именуван функционер е должен да одговори во интерес на граѓаните. Политички притисок и закана е обвинувањето за новинар дека поставил нарачано прашање и дека правел конструкции, се вели во реакцијата од МАН.

Оттука се поставува и прашањето дали новинарите и уредниците се цензурирани, што пак води и е причина за самоцензура. Новинарите практично континуирано се под закани од власта. За тоа говорат низата на инциденти.

ИНЦИДЕНТИ

Годинава имаше закани по живот, закани со насилство, навреди и клевети упатени кон новинарите на редакцијата Курир.мк директно преку социјалните мрежи. Во таа прилика МАН ги повика МВР и обвинителството да ги преземат сите мерки против лицето кое се заканува по живот и да ги заштитат новинарите од вакви и слични закани, напади, навреди.

Минатата година во септември дел од новинарите на социјалните мрежи ја споделија случката од брифинг со вицепремиерот, Кочо Анѓушев посочувајќи дека се се’ случувало кога камерите биле исклучени. Анѓушев како што рекол на брифингот, бил лут затоа што бил критикуван од медиумите. На вицепремиерот Анѓушев не му се допаднала емисијата на 360 степени и во знак на револт на брифингот го фрлил фломастерот кон новинарите со кој црташе и објаснуваше за автопатот Кичево – Охрид. „Претеравте, претеравте“, со висок тон Анѓушев повторувал и гледал кон новинарите, кои не знаеле за што се работи.

Јули минаната година пред почетокот на лидерска средба свикана од Заев на фоторепортерите не им беше дозволено фотографирање. И не само тоа, следеа и закани од раководителот на владината служба за односи со јавност, Марјан Забрчанец „Единаесет години ве газеа, ќутевте, а сега ли најдовте да зборите“. По овој инцидент предизвикан од претставник на владата на СДСМ, реагираат Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, како и од еснафските здруженија.

Во средината на април оваа година беше забележано уште едно оневозможување на новинари во вршење на својата работа. Имено новинарска екипа на тв21 беше нападната во Арачиново, а инцидентот се обидоа да го сокријат  надлежните, па реакции дојдоа по некој ден од настанот.

На почетокот на 2018 година исто така беше нападната екипа на тв 21, но тогаш во МНР, тогаш новинар на телевизијата беше предупреден од страна на вработен во министерството да не го доврши прашањето кое што решил да го постави.

ОПОМЕНИ

Кон крајот на април годинава повикувајќи се на благо зголемување на случаи кои зборуваат дека новинари се мета на говор на омраза претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ги потсети Владата и институциите дека треба да гарантираат безбедна средина за работа на новинарите. Тој нагласи дека тоа може да се постигне единствено со прекинување на неказнивоста на оние кои напаѓаат новинари. Ова е само едно од низата укажувања од еснасфските здруженија.

Во февруари годинава Здружението на новинари на Македонија го повикаа премиерот Заев „сериозно да разговара со своите министри бидејќи изјавите и однесувањата се непримерни и директно ја загрозуваат слободата на медиумите и слободата на изразувањето“.

Коронавирус