сабота, 21. септември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Новинар од 1 ТВ со обвинувања до Телевизија 24 дека му вршеле тортура

Новинар од 1 ТВ со обвинувања до Телевизија 24 дека му вршеле тортура

Неколку млади новинари ја напуштија ТВ24. Христијан Баневски јавно се пожали дека актуелниот уредувачки тим му вршел притисок и како што вели ,,тортура , а морале и да го слушаат секојдневното ,,урлање“, пишува Инфомакс.

Интегрален текст од отвореното писмо на новинарот Христијан Баневски:

,,Отворено писмо
До Телевизија 24

Заминувањето од телевизијата, со која емоционално бев поврзан, од причина што додека учев за новинарството си замислував да работам и ја ценев како врвно професионален медиум, одлучив да го направам колку што е можно безгласно и трансферот во друг медиум да биде без помпезни најави. Арно ама, оние што за само еден месец останаа без најголемиот дел од врвните професионалци, не можеа да си ги држат устите затворени.

И тоа е во ред, кој губи има право да се лути. Тврдам дека се трудев да бидам професионален до самиот крај на мојот работен ангажман во, до скоро ценетиот медиум, но жалам што некој од таму тоа не го препознал, па наоколу зборувал дека „Да беше Баневски професионалец, немаше толку лесно да го пуштиме да си оди“. Затоа, во оваа прилика, колку што е можно јавно, во духот на вашата перцепција за мене, најнепрофесионално ќе ви одговорам, а останатите ќе се запознаат со приказната за тоа како се уништува професионален медиум.

Еден месец – толку ми беше толеранцијата, пред да седнам пред лаптопот и да го напишам ова отворено писмо. Имено и да ве потсетам дека се уште ми должите сума на пари, за која во претходен телефонски разговор ми тврдевте дека до денар ќе биде исплатена, но веќе се сомневам. Дури и да ми ги исплатите тие пари, истите веднаш ќе ги вратам назад, бидејќи станува збор за принцип а не за сума на пари. Знаете и самите за какви плати работевме, но работевме од љубов. Затоа што урнавме еден режим и пишувавме за настани кои ќе бидат дел од поновата македонска историја. Затоа што тоа е жарта што тлее кај новинарите и не одржува во живот.

Кога сме веќе кај платите, ние новинарите во ТВ 24 (некогаш 24 Вести) една година живеевме во заблуда дека секој месец (или на неколку месеци) ќе имаме симболично покачување, иако тоа никогаш не се случи. Но бидејќи веќе кажав дека мојот револт не извира поради ниската плата или неисплатениот бонус за документарниот филм, ќе зборувам за вашата „професионалност“.

Со смената на раководството (септември 2016) умре и новинарството во телевизијата. Честопати со колегите коментиравме дека пред тоа бевме сместени во мизерни простории со никакви плати, но бевме среќни бидејќи продуциравме вести кои граѓаните заслужуваат да ги слушнат. Полека но сигурно, во изминативе година ипол телевизијата стана бастион на сензационализмот и извор на кич програма. Понекогаш се срамев да кажам каде работам, а внимавајте, некогаш сонував да се појавам во етерот со микрофон од „дваесет и четворка“.

На некој од првите состаноци со новото раководство (главниот и одговорен уредник, Младен Чадиковски и програмскиот уредник Нехру Хоџа) како сега се сеќавам дека ни беше соопштено дека мораме да внимаваме на гардеробата, на шминката, на физичкиот изглед (што е во ред, со оглед на тоа дека се работи за телевизија) и се сеќавам точно на изразот на лице кај секој од колегите, кои со платите едвај успеваа да си го покријат бензинот до работа. Сфативте и вие, затоа никогаш повеќе не го ни споменавте истиот муабет, но веќе со секој следен состанок бевме константно тортурирани дека треба да враќаме теми во телевизијата за обработка во ТВ прилози. Не ме сфаќајте погрешно, тоа е наша работа, меѓутоа кога велам тортурирани, мислам на тоа дека врќавме теми кои завршуваа во фиока, а за сметка на нив, трошевме време во етерот со вест за тоа колку македонската економија бележи напредок. Мислиш гледаш Сител во време Груево… пародии. Вистинскиот збор всушност е цензурирани, но да не ви уплашам со него, бидејќи на новинарите омилен им е членот 16 од Уставот на Макдонија, кој вели: „Цензурата е забранета“. А свесни сте – не е мала работа да си играте со Уставот. Но впрочем и бевме тортурирани, слушајќи ги вашите монолози во 9 сабајле обидувајќи се да не прекроите во држачи на микрофони.

Освен тоа, тортурирани бевме трчајќи по настани, во секакви временски услови, со никаква опрема, давајќи максимум од себе, за кога ќе се вратевме во редакција, материјалите да звршат во канта – необјавни, во архива. Тортурирани бевме и со секојдневни јавувања во живо (и кога имаше и кога немаше потреба) само да потполниме простор во програма, иако за истово ги критикувавме колегите од ТВ Нова. И сето тоа под изговор за некакви рејтинзи, од кои никој не виде аир.
Тортурирани бевме и ако одбиевме да направиме прилог по нарачка.

Моравме да го слушаме урлањето среде редакција на заменик- главниот и одговорен уредник, Анета Додевска, за тоа колку ние сме беззначајни и што си мислиме кои сме за да некој ни даде нарачан текст токму нам. Јас лично пак, бев тортуриран од уредничката Наташа Стојановска, која не сакаше да ми ги објави новите информации за тендерски злоупотреби, а бараше од мене дента да имам прилог. И покрај тоа што изобилував со информации од голем јавен интерес, нејзе и беше поважно дека Зијадин Села бил изнесен од Собрание маскиран како полицаец. Прва вест, а при тоа со грешка во насловот… „Села бил изнесен од Собранието како маскиран полицаец“ – комедии.

Но да ве потсетам, вие големи уредници, со бојкотиран прилог три директорки си поднесоа оставки. Вистината е како шило, а јавноста кога- тогаш ја дознава. Можеби не целосно, но тоа е благодарение на пригушувањето од квазиновинари како вас. Другото е се по заслуга на новинарите, репортерите кои за вас беа толку беззначајни.
Ве известив за моето заминување, со отказен рок од еден месец, бев фер играч, а и останав доследен на Законот и на зборовите зад кои сум се потпишал на хартија. На крајот побаравте од мене прекин на работниот однос една недела порано одошто се договоривме, бидејќи излегов на билборди низ пола Скопје и знам дека едноставно не можевте да поднесете да ме гледате по пат до работа, па и уште осум, десет, дванаесет, колку и да имаше потреба од работни часови – труд кој никогаш не беше исплатен по заслуга. Бидејќи логиката на сопствениците од Штип е „Ако нејќе новинарка да работе за петнаес’ илјади, ќе вработеме девојче од Штип за осум илјади“.

Искрено ми е драго што не се вклопив во калапот кој го барате – дипломирани, млади новинари или студенти, кои ги обликувате по желба за сеење пропаганда. А за професионалноста да оставиме на релевантните извештаи и секако, публиката како најдобар судија зад далечинскиот управувач, која ќе одлучи кој канал ќе го гледа доколку сака професионални содржини. Вие и натаму бидете професионални толку колку што сте и ТВ24 убедливо ќе исчезне од врвот на рејтинзите по гледаност.

Ви посакувам пријатен викенд,
Христијан Баневски – поранешен новинар во ТВ24“

(Писмото е пренесено оригинално како што е напишано од авторот)

 

Инаку, од ТВ 24, изминатите денови си заминаа тројца новинари и преминаа во новата медиумска платформа 1тв. 24 ја напуштиле и двајца монтажери и двајца сниматели, пишува Инфомакс.

АКО.мк побара одговор за обвинувањата и случувањата и од главниот и одговорен уредник , Младен Чадиковски, за кој велат дека ќе го објават кога ќе го добијат.

Вчера, водителот на вести на оваа телевизија, Един Хајдарпашиќ, го сврте вниманието на јавноста со неговиот револтиран говор во ЕУ инфо центарот, по повод 3 Мај, Ден на слободата на медиуми. Тој се пожали за лошата состојба во новинарството, малите плати, а ги обвини за лицемерие претседателот на ЗНМ, Насер Селмани и министерот за информирање, Роберт Поповски.