недела, 29. ноември 2020. Вести денес: 84
home Вести

Нови 22 случаи со Ковид-19, вкупно 1.421, шест починати и 36 излекувани

Нови 22 случаи со Ковид-19, вкупно 1.421, шест починати и 36 излекувани

Министерството за здравство соопшти дека денеска Институтот за јавно здравје регистрира 36 оздравени пациенти и тоа во Скопје-19, Куманово-1, Штип-5, Прилеп-4, Тетово-1, Струга-1, Велес-3, Гостивар -2.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица од Прилеп, пациент на 58 години, хоспитализиран на Клиниката од 19 април и 63 – годишен пациент на болничко лекување од 9 април, и двајцата приклучени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 септември“ починаа три лица, двајца пациенти од Скопје на 75 и 58 годишна возраст и двајцата хоспитализирани на 26 април, и пациентка од Тетово на 51 година, хоспитализирана од 12 април. Пред два дена почина и пациентка од Скопје на Клиниката за онкологија на 71 година. Нејзиниот позитивен резултат на Ковид-19 е стигнат во текот на вчерашниот ден, посочуваат од Министерството.

Во изминатите 24 часа направени се 362 тестирања, а потврдени се 22 нови случаи со Ковид-19 и тоа во Скопје-11, Куманово-2, Струга-1, Велес-3, Кавадарци-2, Гостивар-2 и Неготино-1. Со ова вкупната бројка дијагностицирани со Ковид-19 во земјава изнесува 1.421, бројката на оздравени пациенти е 589, на починати е 71, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 761.

Последната дистрибуција по градови е следна: Скопје – 486, Куманово – 378, Дебар – 51, Штип-34, Прилеп –143, Тетово – 75, Струга – 65, Велес – 69, Битола –19, Охрид –15, Кавадарци – 7, Гостивар –17, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка – 5, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 28, Пробиштип – 2, Кичево – 2,       Неготино – 5, Демир Хисар – 1, Македонски Брод – 2, Пехчево – 1, Валандово – 1, Виница – 2.

Направените 362 теста се преку Институтот за јавно здравје – 203, Ветеринарен факултет – 8 , Авицена –11, Биотек – 45, Клиника „Жан Митрев“ – 48, Систина со PCR метода – 25  и МАНУ – 22.  Досега во земјата се направени вкупно 15.771 тестирања на Ковид -19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се пет нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 52. Критично болни и на механичка вентилација се тројца пациенти, 25 се со потешка клиничка слика и на кислородна маска. Во ГОБ „8 септември“ примени се тројца пациенти, а вкупно хоспитализирани 28 пациенти. Со потешка клиничка слика се тројца пациенти, а шест се на респираторна машина.

Во Клиничката болница во Битола се лекуваат шест пациенти, а осум се следат на домашно лекување. Во Клиничката болница во Штип на болничко лекување има двајца пациенти, а на домашно лекување се следат уште шест пациенти. На останатите инфективни одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар, Охрид, Тетово се хоспитализирани вкупно 46 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид -19, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Коронавирус