вторник, 18. јануари 2022. Вести денес: 104
home Вести

Нова средба Заев – Гаши

Нова средба Заев – Гаши

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши денеска ќе одржат нова средба за тоа дали партијата ќе се приклучи во Владата и парламентарното мнозинство или ќе остане во опозицискиот блок.

Ова е втора средба на Заев и Гаши, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.

Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза, додека на седницата на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа исто така во петокот, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.

Една од најзначајните причини поради кои Алтернатива би влегла во Влада, како што изјави вчера Заев, е да обезбеди стабилна влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговори со ЕУ.

Во меѓувреме, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера повтори дека владата на СДСМ-ДУИ е нелегитимна и изрази надеж дека претседателот на Алтернатива знае со кого седнува на маса.

Прашан кој е 61-виот пратеник на владејачкото мнозинство во Собранието, Мицкоски рече дека не сака да навлегува во теории кој е 60, а кој 61-виот пратеник, и дека за тоа треба да одговорат СДСМ или ДУИ. Порача дека решение се само брзи предвремни парламентарни избори.

-Едно е јасно, а на тоа беше сведок и народот, дека и тие 59 кои ги имаа дента кога се гласаше недоверба на Владата не беа во Собранието и не застанаа во одбрана на ова владино мнозинство, што за мене претставува кукавички чин. Ако веруваа дека оваа влада е добра и работи во интересите на граѓаните, тогаш требаше да бидат во клупите и да се спротивстават. Тоа е она што јас можам да го коментирам, изјави Мицкоски.

За тоа дали разговарал со Алтенатива за нивниот став од петокот, Мицкоски рече дека нема разговарано детално за нивните преговори со СДСМ и ДУИ, но оти се надева дека претседателот на Алтернатива знае со кого седнува на маса.

– Тоа што го знаеме е дека раководството на Алтернатива го овластило претседателот на партијата да преговара со СДСМ и ДУИ за формирање ново владино мнозинство. Нашиот став поврзано со ова мнозинство или не мнозинство го знаете. Станува збор за најкриминалната и најнеспособната влада што некогаш во овие 30 години функционирала во Македонија и претпоставувам дека раководството на Алтернатива го имала во предвид тој факт и претседателот на партијата ќе ги има кога ќе биде на иста маса да преговара со лидерите на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.

Коронавирус