петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Нинослав Нанков со „Црни Тоги“ победник на Ораторската вечер ,,Иво Пухан”

Нинослав Нанков со „Црни Тоги“ победник на Ораторската вечер ,,Иво Пухан”

На Правниот факулет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вчера вечерта се одржа XXII-рата Ораторска вечер ,,Иво Пухан”.

Ораторската вечер е традиционална манифестација на Факултетот што се спроведува како натпревар по говорништво. Во финалето настапија 10 говорници, студенти на различни факултети на Универзитетот.

За победник беше прогласен апсолвентот на правни студии Нинослав Нанков, кој учествуваше со говорот на тема “Црни Тоги” – текст со критична содржина за актуелните состојби во македонското правосудство. Второто место го освои Стефан Солев, студент на Економскиот факултет, со говорот на тема “Сонце на залез, Пиреј во мраз”, додека третото место го делеа студентките на Правниот факултет Моника Пеичева со говорот на тема “Жени лидери” и Етина Ливарека со говорот на тема “Жед за знаење, љубов и мир”. Наградата за најдобра интерпретација “Бранко Ѓорчев” ја освои Моника Пеичева.

По објавениот Повик за пријавување, кој беше отворен за сите студенти на УКИМ, се пријавија 32 кандидати, од кои 19 учествуваа во полу-финалето. Десетте финалисти беа одбрани за учество во финале од страна на жири-комисија. Секој пријавен кандидат работеше со свој ментор, а како ментори учество земаа: Проф. Д-р Гордана Силјановска- Давковка, Проф. Д-р Владо Бучковски, Проф. Д-р Татјана Петрушевска, Проф. Д-р Александра Максимовска-Стојкова, Проф. Д-р Гоце Наумовски, Доц. Д-р Есин Кранли-Бајрам како и Асс. М-р Тимчо Муцунски.

Сите финалисти исто така работеа на своите говорнички вештини заедно со актерот Дејан Лилиќ.

Традиционлано, покровител на XXII Ораторска вечер „Иво Пухан„ беше Евролинк Осигурување АД Скопје, а семејството Костовски преку свои претставници учествуваше во жири-комисијата на финалната вечер.

Коронавирус