вторник, 28. септември 2021. Вести денес: 174
home Вести

Николов: Изминуваат првите 100 дена на Филипче и се уште не е реализиран ниту еден проект со бенефит за пациентите

Николов: Изминуваат првите 100 дена на Филипче и се уште не е реализиран ниту еден проект со бенефит за пациентите

Изминуваат првите 100 дена од поставувањето на вториот министер за здравство на Владата предводена од СДСМ, а веќе јавноста е револтирана бидејќи после толку време не е реализиран ниту еден проект со бенефит за пациентите во Република Македонија, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Игор Николов.

Тој посочи дека јавните настапи на министерот Филипче се сведуваат само на некакви идни ветувања со неодреден рок.

-Нема никаква реализација, ниту пак подготовка за реализација на така бомбастично најавуваните проекти за подобрувања на здравствениот систем за време на кампањата на СДСМ и се се сведе на предупредувачки штрајк на матичните лекари. СДСМ и Филипче, најавуваа спречување на кризите со недостаток на лекови, а граѓаните секојдневно се сведоци на недостаток на лекови на рецепт после 10-ти во месецот. Во аптеките често недостасува инсулин, недостасуваат лековите за хронична терапија, а редовно има и недостаток на лекови за ретки болести од кои на оваа група на пациенти со ретки болести им зависи животот, додава Николов.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека пред само неколку дена, министерот, изјавил дека се намалени цените на 336 генерички и 222 оригинаторни лекови, и дека тоа ќе било најголемото намалување на лековите реализирано до сега.

-Ова е вистина единствено доколку се спореди со претходното владеење на СДСM кога намалување цените на лекови беше апстрактен поим. Реалноста е дека ова сега, претставува продолжување на реализирање на мерката која ја воведе ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година. Владата на ВМРО-ДПМНЕ со оваа мерка овозможи намалување на цените на над 4.800 лекови и заштеди во здравствениот систем над 33 милиони евра. Токму тоа, претставува најголемото намалување на цените на лековите досега. Министерот најави заменување и надградување на системот МојТермин, а денеска сме сведоци само на негово уназадување. Драстично е зголемено времето на чекање за неопходни здравствени услуги и снимања, како што се мамографија, компјутеризирана томографија, магнетна резонанца. Според податоците на јавната страница на системот МојТермин, за компјутеризирана томографија низ државата се чека и до 80 дена, односно околу 3 месеци, за магнетна резонанца и мамографија по околу 2 месеци, а за електромиографија една од клучните дијагностички методи во неврологијата, едноставно нема ниту еден слободен термин било каде низ државата во следните месеци. Пациент од било кој град од државата треба да чека со месеци за обично снимање на компјутер или магнет, испитувања од кои што можеби им зависи животот? Дали ова беа реформите во здравството кои што ги најавуваше СДСM, а кои што треба да ги спроведе нивниот втор министер за здравство? , прашува Николов.

Тој нагласува дека најголемата небулоза во здравството во овие 100 дена на вториот министер беше одлуката да не се гради новиот Клинички центар која ја донесе под притисок на премиерот Заев. Клиничкиот центар нема да се гради на постојната локација, за каде што веќе е потпишан договор за финансирање од Банката на Советот на Европа.

-Веќе сме навикнати дека СДСM е со главна карактеристика на деструкција,  и тие решија да ги остават граѓаните до 2030 година да се лекуваат во субстандардни услови и да го чекаат Клиничкиот центар во Злокуќани можеби и после 2030 година. На овие неуспешни политики се надоврзуваат и долго најавуваните законски измени кои што не се ниту отпочнати, се надоврзуваат лошите кадровски политики со поставување на директори по семејни и бизнис релации, и немањето на капацитет за барем една промена во здравствениот систем кој што кога беа опозиција толку жестоко го критикуваа, истакна на денешната прес-конференција Николов.

Коронавирус