петок, 5. март 2021. Вести денес: 125
home Вести

Николов: Граѓаните од соседството бираат со каква вакцина ќе се вакцинираат, а кај нас нема никаква, Филипче оставка!

Николов: Граѓаните од соседството бираат со каква вакцина ќе се вакцинираат, а кај нас нема никаква, Филипче оставка!

Вакцините за КОВИД-19 претставуваат значајна алатка во борба со епидемијата со корона, ова денеска преку прес-конференција го истакна доктор Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

-Додека во најголемиот број на земји во светот се одвива вакцинација против корона, додека тамошните граѓаните имаат можност да одберат тип на вакцина, кај нас ниту трага, ниту глас од долгонајавуваните вакцини, за коишто зборуваа Филипче и Заев. Во повеќето земји граѓаните имаат право на избор помеѓу три вида на вакцина и граѓаните можат да бираат со која вакцина ќе се вакцинираат,  кај нас нема никаква вакцина! Ниту за ризичните групи, ниту за останатите граѓани. Во светот, земјите бројат колкав процент од население имаат вакцинирано и тоа на 100 илјади жители, во Македонија  возрасните лица, ризичните групи и оние кои се на линијата на фронтот со КОВИД-19 немаат можност да се вакцинираат. На таа листа ги нема дури ни Косово, ниту Босна и Херцеговина. На врвот на светските листи по број на вакцинирани граѓани се Израел, Обединети Арапски Емирати, Сејшели, Обединетото кралство, Србија, Бахреин, САД, Малта, Исланд, Данска, вели Николов.

Тој додава дека на двете светски листи и онаа на Ворлдометар и онаа на Блумберг од земјите во регионот по број на вакцинирани граѓани високо котираат Србија и Словенија. Србија е на десеттото место на светските листи!

-Кај нас се кажува само дека вакцини ќе има по три механизми, но сепак до денес вакцини за КОВИД-19 нема. Ги нема ниту донираните вакцини од Бугарија, ниту донираните од Грција, а дури ниту вакцините од Србија која што ја има, но за која што регулативата на Македонија не бил подготвена целиот овој период.  Два месеци зборуваат дека обезбедиле вакцини преку КОВАКС механизмот, а не брифираат дека преку КОВАКС механизмот се снабдуваат со вакцини земјите од третиот свет. Кој одлучи да го остави народот само на вакцини од КОВАКС механизмот? Зошто со време не се почнаа директни преговори со компаниите кои што произведуваат вакцини? Дали поважно беше да се организираат локални избори наместо да се работи на обезбедување на вакцини? Дали некој ќе сноси одговорност за ваквата погрешна стратешка одлука? Многу приказни, многу лаги, малку работа, дела нема воопшто. Сето ова граѓаните скапо го плаќаат. Незаинтересираноста, неспособноста и неработливоста,  на владата на Зоран Заев се плаќа со животи по граѓаните. За ова одговорност мора да има, вели Николов.

Коронавирус