среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Николов: Бараме прогласување на кризна состојба, затворање на границите за патници и награда за службите вклучени во првата линија против корона вирусот

Николов: Бараме прогласување на кризна состојба, затворање на границите за патници и награда за службите вклучени во првата линија против корона вирусот

Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ е во постојано заседавање поради настанатата состојба со епидемијата на вирусот корона, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

-Проекциите и прогресијата на ширење на вирусот покажува трендови кои што навистина се загрижувачки, а очекувањата се такви што секој мора да постапува со цел да ги заштити своите блиски, да го заштити здравјето на своите соработници, а секако јавното здравје односно здравјето на граѓаните. Сметаме дека е неопходно прогласување на кризна состојба на целата територија на Република Македонија со што ќе се зголеми и ефикасноста во носење и во спроведување на одлуките. Некои од мерките кои досега се донесени во реалноста не покажуваат реализирање односно спроведување, или нивното спроведување е делумно и недоволно, а постои простор за проширување на списокот на антикризни мерки кои мора да се исполнат. Освен оние работите и одлуките кои ги побаравме од претходните денови сметаме дека Владата треба да ги преземе и следниве чекори: Прво, да се донесе одлука за затворање на сите граници за патници, освен за итните случаи и оние чиј карактер на движење тоа го налага. Досега важи одлука само за одредени гранични премини што не ја решава заканата. Мора да се затворат границите со цел да се стави под контрола на состојбите. Второ, бараме да се спроведе „специјален режим за работа„ на продавници и пазари. Ова значи да се примени праксата од развиените европски држави кои се справуваат со истите последици, односно шалтерски систем на продажба или да се ограничи влегувањето на клиентите во продавниците и стварање на непотребни гужви и непотребни редови, а се со цел да се намали ризикот и можноста за пренесување на вирусот. Воедно во овој режим би било и воведување на бесплатни маски и гелови пред дуќаните, продавниците, маркетите и сите оние места кои што се неопходни за граѓаните. Тоа им го должиме, бидејќи можеа да се набават лубриканти, а не можат да обезбедат бесплатни маски, вели Николов.

Тој додава дека трето, да се подготви „Бел план„ за болниците во земјата да се подготват за најлошото сценарио. Најверојатно ќе има тежок удар на пациенти кои што ќе бараат помош и овој Бел план ќе значи зголемување на капацитети целосен скрининг и  разработено сценарио при ескалација на состојбата.

-Четврто да се побара меѓународна помош која ќе биде експертска, советодавна и материјална. Ова бараме да се спроведе по примерот на Италија, каде што Италија доби материјална и експертска помош од земјата која што беше најмногу засегната и најмногу погодена од вирусот. Петто, огромен број на професионалци, полицајци, цариници и здравствен персонал даваат надчовечки напори во третман и превенција со корона вирусот. Бараме за нив да се воведе финансиска надокнада, посебно за оние служби кои што се во првиот ред и во првата линија во борба со епидемијата. Сега не е време за партиски препукувања, овде се работи за здравјето на граѓаните. Очекуваме сериозен пристап од владата и министерството и прифаќање на нашите мерки. Заради тоа што секој човек вреди, секој човечки живот вреди, сега е време за хуманост, делување и подавање на рака, потенцира Николов.

Коронавирус