вторник, 25. септември 2018. Вести денес: 144
home Вести

Николоски со аргументи зошто Договорот од Преспа е штетен- Шекеринска избегнуваше да дискутира (ВИДЕО)

Николоски со аргументи зошто Договорот од Преспа е штетен- Шекеринска избегнуваше да дискутира (ВИДЕО)

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и министерката за одбрана и заменик претседател на СДСМ Радмила Шекеринска, жестоко дебатираа во емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија, пренесува порталот Лидер.

Николоски посочи дека прашањето за референдумот е надпартиско прашање, прашање кое е емотивно, посебно за етничките Македонци, затоа неговата партија зазела став секој граѓанин поединечно да одлучи како ќе постапи за референдумот. Шекеринска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ нема став за референдумот.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна неколку спорни членови од Договорот и обвини дека СДСМ постојано избегнува да дискутира за Договорот од Преспа.

-Целиот Договор е проблематичен. Има три аспекти тоа е воведниот дел, членот еден и членовите 7 и 8. Во воведниот дел стои дека се укинуваат сите работи кои што Македонија како такви ги стекнала во оваа битка за името, почнувајќи од времената спогодба за името, завршувајќи со пресудата на Судот на правдата во Хаг, кој што јасно кажа дека Грција не смее да го блокира члнеството на Македонија во интеграциите, истакна Николоски.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, спорно е што во Договорот се дефинира дека македонскиот јазик е од групата на јужнословенски јазици, нешто што никој друг јазик го нема во дефиницијата.

-Со овој Договор на Грција и се дава ексклузивно право да термините ‘македонски’, односно Macedonian, ги користи не само на територијата на она што ние го нарекуваме Егејска Македонија, туку и на еден поширок опфат и да има право од античкото наследство до денес, на Македонија, на оваа наша Република Македонија, или Северна според СДСМ, и се ограничува да има право да го користи само на територијата на Република Македонија и затоа понатака се бараат уставни измени. Следно, во членот 8 има неколку проблематични работи, најпроблематично е што треба да се направи меѓуресорска комисија на експерти помеѓу двете влати која што ќе треба да направи ревизија на учебниците, на учебните помагала, на научните книги, на работите кои што се однесуваат на историјата и археологијата и два пати гоишно да дава извештаи. Ова е механизмот за блокирање на нашето членство во Европската Унија, затоа што секогаш кога некој наш научник ќе извади работа која што на Грците не им се вклопува во нивната мегали идеја, тоа ќе значи блок на отворањето на следното поглавје, објасни Николоски.

Шекеринска како аргумент на ова одговори дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувале во дебатите на Собранието и избегнуваше да дискутира за содржината на Договорот.

-Ова е прв и единствен договор во кој што фигурира македонскиот јазик. Еве што кажувавте вие: ‘Грција не прифаќа да имаме договор кој би го поминале во нивниот парламент, во кој нашиот јазик и националност би се напишале на англиски како македонски, односно Macedonian’, истакна Шекеринска.

Николоски во дебатата потенцира неколку пати дека не може да се оди на реферндум без да се знаат уставните измени, кој треба да се направат согласно Договорот од Преспа.

Шекеринска на тоа одговори дека процедурата за уставните измени не е започната, бидејќи прво треба да се знае ставот на граѓаните за овој договор. Министерката неколку пати нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ, во ниту еден момент не мислеле за Договорот од Преспа, туку ги интересирало само амнестија. Николоски негираше дека неговата партија барала аменестија.

Што се однесува за исходот од референдумот, Николоски смета дека значаен дел од граѓаните, односно мнозинството етнички Македонци се против договорот и дека референдумот нема да успее. Доколку успее, тие како партија од народот ќе ја почитуваат волјата на граѓаните. Како алтернатива, доколку референдумот не успее, Николоски наведе дека ќе се борат Македонија да добие подобар договор.

Шекеринска од друга страна верува дека граѓаните на 30 септември ќе гласаат „ЗА“ овој Договор, бидејќи ги препознаваат бенефитите од него, односно дека со гласот „ЗА“ Македонија ќе влезе во НАТО и во ЕУ.

Во емисијата, Николоски ексклузивно откри дека по неуспехот на референдумот, СДСМ има план да започне судски процес против ВМРО-ДПМНЕ, со што исходот би бил да ја затворат партијата, за над две години.