среда, 23. јуни 2021. Вести денес: 130
home Вести

Николоски: На лидерската средба покрај за здравствената и економска криза, да се усогласи и заедничка стратегија и документ како одговор на условувањата од Бугарија

Николоски: На лидерската средба покрај за здравствената и економска криза, да се усогласи и заедничка стратегија и документ како одговор на условувањата од Бугарија

Во изминатава недела сведоци сме дека власта предводена од Заев, Спасовски, Димитров и Шекеринска се обидува да го релативизира документот на Бугарија кој стана составен дел на одлуката на Европскиот Совет за Македонија, а со кој документ директно се подриваат темелите на македонската држава – тоа е македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот народ, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Посочи дека тоа релативизирање има за цел да го стави проблемот под тепих, да ја стави главата во песок и сите да се однесуваат како да не постои, па дури имаше и изјави во таа насока дека најдобро било да се игнорира.

-Да се игнорира, но прашањето е до кога? Веројатно до јуни и следниот состанок на Европскиот Совет кога ќе биде усогласена преговарачката рамка за пристапни преговори со Македонија и овие услови ќе станат официјален дел од барањата на ЕУ во преговорите за членство што ќе значи дека нема да може Македонија да стане член на ЕУ се додека не се откаже од македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската историја. Доколку ова се случи последиците ќе се трајни и ќе ги врзат рацете на следните генерации за да не можат многу да направат ова да го променат. Не знам дали е свесен Заев и разбира дека последиците од неговите одлуки и националните катастрофи кои следуваат после нив се децениски. Тој гледа да се спаси од одговорност за криминалот, а можеби и од некоја уцена за која јавно го прашав дали ја има ама еве одбра да молчи, ама тие негови одлуки ја загрозуваат иднината на македонскиот народ. Тоа мора да се каже јасно и денес додека не е предоцна. За неколку месеци веќе може да е предоцна, нагласи Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ повика на разум и државнички однос кон овој проблем, повика на овој проблем да се пристапи многу одговорно.

-Потребен ни е заеднички одговор. Потребно е да се изгради заедничка позиција која ќе биде достоен одговор на обидите за бришење на македонскиот јазик и народ, таа позиција треба да е изградена во согласност помеѓу сите клучни политички и општествени фактори, а истата да ја одразува сегашната состојба и да е обврзувачка во сегашната и за секоја идна Влада. Исто така нас како држава итно ние е неопходно да создадеме заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност. Овие два документи треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој иден министер за надворешни работи, министер за внатрешни работи и министер одбрана, како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која политичка партија се. И без разлика од која влада понатака би биле именувани. Би сакал да ја потсетам јавноста дека ова го предложи Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски минатата година веднаш по декларацијата на Собранието на Бугарија. Овој документ во ЕУ е само продолжение на таа декларација. Тогаш одговор немаше, денес се надевам дека СДСМ ќе се надмине себе и ќе го прифати ова. Затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага на претстојната лидерска средба покрај за состојбата со здравствената и економска криза како приоритет број еден во моментов да се разговара и усогласи заедничка стратегија и документ како одговор на условувањата на Бугарија, како и поставување на основи за заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност кои ќе бидат документи од долготраен карактер и ќе бидат обврзни за сите идни Влади. Да го направиме тоа додека не е предоцна. Сигурен сум дека една заеднички изградена позиција од сите релевантни политички и општествени фактори ќе биде позитивно прифатена и од ЕУ како и до нашите соседи. Истата мора да е плод и на широк општествен консензус и консултации со релевантни научни институции од областа на македонскиот јазик, македонскиот народ и историја, понатака интелектуалци и институции кои својот научен и општествен труд го посветиле на овие прашања. Заеднички усогласената позиција треба да ги отсликува одредбите во Уставот на Република Македонија, основните постулати на кои се заснова ЕУ, основите документи на Советот на Европа и ОБСЕ, како и одлуките на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, вели Николоски.

Се надеваме дека Заев, СДСМ и останатите релевантни политички партии позитивно ќе одговорат на овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, кој е во интерес на Македонија и на македонскиот народ.

ЕУРО 2020

Македонија