понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 135
home Вести

Николоски: Филипче, Цароска, Дескоска и други министри не преговараат за името, тоа не е оправдување за тоа што не работат

Николоски: Филипче, Цароска, Дескоска и други министри не преговараат за името, тоа не е оправдување за тоа што не работат

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „Алфаскоп“  истакна дека владата на СДСМ освен тоа што е фокусирана околу решавање на спорот со името, на ниту едно друго поле и ниту еден друг министер не работи апсолутно ништо.

Според Николоски, министрите Филипче, Цароска, Дескоска, Спасовски или пак директорот на РЕК Битола треба да ги решаваат клучните работи кои се од живтно значење за луѓето и да ги спроведуваат реформите кои ги ветуваа за време на изборите.

– Она што за мене е најзагрижувачки е што оваа влада, објективно ако се погледне со исклучок на силен ангажман во делот во спорот со името, каде што ќе видиме какво решение ќе донесе. Како што стојат сега работиве нема да е многу добро и поволно за македонскиот народ ниту за Република Македонија како држава, но освен тоа прашање, никој друг ништо не работи. Образложението од владата дека се фокусирани на овој сектор, јас не гледам што има со преговорите со името, министерот за здравство, Филипче, министерката за труд и социјала, Цароска или досегашната министерка за образование, Дескоска кои што треба да ги решаваат клучните работи кои што се од живтно значење за луѓето и што има министерот за внатрешни работи со преговорите за името за да не се посвети на решавање на криминалот и корупцијата. Што има директорот на РЕК Битола во решавање на проблемот со името па малку повеќе таму да се посвети потранспарентно на јавни набавки а не Вице Заев да ги добива сите јави набавки во РЕК Битола посочи Николоски.

Тој рече дека владата на СДСМ е неспособна и нема концепт за работа.

-Ова покажува колку владата само си бара изговори. Од една страна имаме неспособна Влада, влада која што нема концепт ниту има луѓе кои што се работници. Јавна тајна е во Скопје дека министрите работат од 10 до 2 а директорите од 12 до 2. Пред и после или се по кафеани или по фитнес центри или се прават бизнис зделки. Со таква работа нема успех констатираше Николоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ сака Македонија да напредува и да стане членка на Европската Унија. Меѓутоа Николоски рече дека не може да се молчи пред реалноста односно дека Франција, Данска, Холандија, Белгија и Луксенбург ја гледаат реалноста и дека сега тие ќе бидат државите кои ќе и стават вето на Македонија поради „непринципиелниот брак“ склучен помеѓу судството, јавната администрација и власта на СДСМ.

-Ако до минатата година или таа пред неа, единствен проблем зошто не се почнуваа преговори со Европската Унија беше затоа што секоја година Грција ставаше вето заради нерешениот спор со името. Сега Грција нема потреба да стави вето затоа што дури и да се реши спорот со името, дури и да се направи договор, нема да има почеток на преговори затоа што Франција ќе стави вето затоа што гледа дека во Македонија има една силна поврзаност како што јас велам еден „непринципиелен брак“ помеѓу судството, јавната администрација и власта каде што власта пишува судски пресуди, а судството ги објавува и каде што власта кажува што треба да работи, рече Николоски.

Коронавирус