вторник, 28. септември 2021. Вести денес: 174
home Вести

„Независен“: ВМРО-ДПМНЕ се сврти кон Запад

„Независен“: ВМРО-ДПМНЕ се сврти кон Запад

Изјавите на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ за свртување кон Запад и расчистување со Истокот доаѓаат во време кога Македонија зазема цврста страна со евроатлантските сојузници во дипломатската војна против Русија, пишува „Независен“.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Донев, вчера ги потврди зборовите на потпретседателот Александар Николоски дека Лондон, Вашингтон и Берлин, а не Москва ѝ се партнери на Македонија, што внесе немир и кај рускиот амбасадор во земјава, Олег Шчербак, кој рече: „Тоа е таа неконзистентност на раководството на партијата која доведе до нејзина смена од власта“.

-Многу македонски синови биле судени и ги давале своите животи за независна Македонија, во пресудите носени во време на комунизмот без исклучок кај сите пишува дека биле за независна Македонија со западна ориентација. Тоа е ВМРО! Нашата цел е членство во ЕУ и во НАТО, затоа што ги делиме истите вредности. Секоја друга политика не ѝ носи добро на Македонија и нема за цел стабилна Македонија, има за цел немир и поткусурување за туѓи сметки. Треба да сме мудри и да останеме силно на оваа позиција, вели Данев.

И покрај декларативното залагање за влез во ЕУ и во НАТО, на поранешните раководства на ВМРО-ДПМНЕ не им пречеше да флертуваат со Русија, а и ден денеска во партијата постојат крила што се наклонети кон „православните браќа“, како и кон авторитетното владеење на Владимир Путин, а низ јавноста отворено се зборува за присуство на руски државјани во немирите во парламентот на 27 април минатата година, пишува порталот.

-Јас познавам многу членови на ВМРО-ДПМНЕ што се силно заинтересирани за продлабочување на односите со Русија. Што се однесува до настаните во Собранието, Русија никогаш не се мешала во внатрешни работи на Македонија. Уверувам дека ниту јас ниту кој било вработен во амбасадата не бил во или околу зградата на парламентот, уверува Шчербак.

Драстичната промена на курсот на најголемата опозициска партија следува по промената на Никола Груевски и доаѓањето на Христијан Мицкоски на претседателското место. Веќе при првите недели беше видлив обидот на новото челништво да се доближи до авторитетите од Брисел и од Вашингтон, кои со години имаа заладени односи со Груевски поради скршнувањето од патот за евроатлантските организации. Беа организирани посети во најголемите светски центри на моќ, а не се крие дека и во Скопје се случуваат редовни средби со највлијателните амбасадори во земјава.

Внатрепартиските противници на Мицкоски ликуваат дека станува јасно оти новото раководство соработува со СДСМ и оти се контролирани од исто место, а кавгите се само маскирање пред јавноста.

Се прават споредби со омилената сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, хрватската ХДЗ, каде што тврдокорниот Иво Санадер, кој е осомничен за пљачкосување на земјата, беше сменет, а на негово место поставен миленикот на Брисел, Андреј Пленковиќ.

И покрај видливата евроориентација на македонските политички партии, рускиот амбасадор уште еднаш „замолува“ трипати да се размисли пред да се пресече и да се влезе во „агресивниот воено-политички сојуз“. Шчербак смета дека Македонија ќе стане база на НАТО, оти безбедносната состојба нема да се подобри, посочувајќи го примерот на двете земји членки Грција и Турција и поделбата на Кипар, прашувајќи кој ќе ја нападне нашата држава кога сите од нашето соседство се членки на НАТО, Србија има партнерски однос со организацијата, а македонското небо е контролирано од запад?

-Доколку станете членка на овој сојуз, а НАТО ја нападне Русија, тогаш Македонија ќе стане цел на возвратен напад“, предупреди вчера Шчербак. Ваквото предупредување го пренесоа сите медиуми во земјата. Сепак, тој нагласи дека не се заканува, туку постапува како пријател кој сака да ни ги посочи последиците од влегувањето во НАТО. Кога е во прашање протерувањето на рускиот дипломат од земјава поради случајот „Скрипал“, односно неговите шпионски активности, амбасадорот вели оти македонското МНР првично рекло оти станува збор за солидаризирање со Лондон и со Вашингтон и ништо друго, пишува порталот.

Целиот текст прочитајте го на НЕЗАВИСЕН

 

Коронавирус