вторник, 19. ноември 2019. Вести денес: 73
home Вести

Нетпрес: Активист на СДСМ со измама набавил возило

Нетпрес: Активист на СДСМ со измама набавил возило

Активист на СДСМ, Нафи Абдиоски -Полат од Патишка река- Скопско, кој престојувал како азилант во Исланд во периодот на минатата власт, бидејќи наводно бил психички малтретиран како политички неистомисленик, по враќањето во Македонија е фатен во измама, пишува Нетпрес.

За него во полиција има пријава дека направил измама при купување на автомобил, кој воопшто не го исплатил на сопственикот, правејќи измама и со купопродажниот договор.

Имено, на 18 септември годинава, Д.Ј од кривопаланечко, пријавил дека на 11 септември, по претходен телефонски разговор се сретнал со Абдиоски, на Железничката станица во Скопје, за да договорат купопродажба на автомобил „сузуки гранд витара“ со бугарски регистарски таблици, сопственост на сестрата на пријавителот. Откако се договориле, отишле на нотар каде што Нафи посочил купопродажбата да се направи на име на неговата сопруга, но и да не се стави реалната сума во купопродажниот договор. Иако Д.Ј инсистирал во договорот да биде запишано дека возилото се продава за 6.000 евра, Абдиоски му кажал дека во Скопје работите се правеле поинаку, па во договорот се ставала некоја најниската сума. Освен тоа, Абдиоски му кажал на Д.Ј. да го потпише договорот, а неговата сопруга ќе дошла подоцна дента, бидејќи работела во близина на нотарската канцеларија, односно била службеничка во полициската станица Бит Пазар. Д.Ј. се согласил на тоа. Подоцна неговата сестра забележала дека новиот сопственик на возилото на нејзината сметка не префрлил пари за купениот автомобил.

Д.Ј. од тој ден, до 18 септември во неколку телефонски разговори со Абдиоски му ги бара парите за продаденото возило, но безуспешно.

Тој дури доаѓа во нотарската канцеларија за да побара копија од договорот, но оттаму му кажуваат дека таков договор воопшто не е склучен.

Абдиоски е и медиумски познат на јавноста од времето кога ја обвинуваше претходната власт за политички прогон.

Тој пред две години изјави: „Избегав бидејќи бев психички малтретиран од власта, сѐ ми земаа и немав повеќе каде. Ги земав децата и сопругата и побарав спас во Исланд“.

Услов за азилот во Исланд бил тој да се врати во Македонија, кога ќе се смени власта, како што објаснуваше тој во интервју за еден медиум во 2017 година.

Абдиоски е голем поддржувач на актуелната власт, а за неговата блискост со функционерите на СДСМ сведочат и фотографиите подолу:

ИЗВОР: НЕТПРЕС