сабота, 17. ноември 2018. Вести денес: 65
home Вести

Непотизам или „коинциденција“: Синот на посебната советничка Ленче Николовска ангажиран во Фондот за иновации

Непотизам или „коинциденција“: Синот на посебната советничка Ленче Николовска ангажиран во Фондот за иновации

Душан Илиевски, познат како Душко млекарот  на својот Фејсбук профил напиша дека синот на советничката за земјоделство Ленче Николовска, Илин Николовски е вработен во Фондот за иновации.

-Синот на посебната советничка Ленче Николовска која советува во земјоделието Илин Николовски тајно го вработи мама Ленче во ФОНДОТ за ИНОВАЦИИ во владата. Овој фонд за иновации е при владата на Македонија претходно не постоеше ваков фонд. Само е измислен за перење пари, напиша на својот Фејсбук профил Душан Илиевски.

Курир денеска побара одговор од Фондот за иновации дали е вистинита оваа информација дека Илин Николовски е вработен во таа институција.

Оттаму добивме одговор дека лицето Илин Николовски не е вработено во Фондот за иновации и технолошки развој но истото е ангажирано како надворешен соработник со Договор на дело за вршење на привремени работи за потребите на Фондот.

-Договорот е со временски определен рок кој истекува во декември годинава. Николовски, меѓу другото е задолжен за активности поврзани со одржување на веб страната на Фондот и поддршка во реализација на различни настани, стои во одговорот кој го добивме од Фондот за иновации.

Упатените коментираат дека овој начин на ангажирање на лица со договор на дело во државни институции често се злоупотребува бидејќи неретко се исплаќаат и суми кои се неколкукратно поголеми отколку реалните што би се исплатиле за таков работен ангажман.