четврток, 5. август 2021. Вести денес: 56
home Вести

Неоснована е секоја поплака за еколошкaта такса од 3,5 денари, смета Заев

Неоснована е секоја поплака за еколошкaта такса од 3,5 денари, смета Заев

И со дополнителната еколошка такса од 3,5 денари која ќе се влева исклучиво во Буџетот, нафтата ќе биде најевтина во Македонија. Секоја поплака на ова поле не држи вода, само покажува решителност на Владата да чекори во правец на зелената агенда, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Тој е дециден дека еколошката такса од 3,5 денари за нафтата и нафтените деривати што ќе се воведе од 1 јули 2021 година, нема да предизвика инфлација.

-И со 3,5 те денари имаме најниска цена на нафтата во регионот, а платите не ни се најниски во регионот. Политиките ги димензионираме соодветно, така што 3,5-те денари нема да предизвикаат акцелерација на покачувањето на цените. Ги гледате прокециите, од 1,5 до два отсто е корекцијата на инфлацијата, тоа е навистина незначително, а растот на четири отсто на просечната плата и на осум проценти на минималната плата ќе создава поголем економски стандард и помали трошоци на живеење, рече Заев одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за изградба на фотоелектраната во Осломеј.

Тој потсети дека еколошките такси веќе постојат за голем дел од индустриските капацитети.

-Еден дел се во ригорозните мерки вградени пеку законите за екологија кои се во Собранието и се надевам брзо ќе се донесат. Со нашето пристапување кон ЕУ и обврските од Парискиот договор, 2024 и 2025 година ЕСМ преку РЕК Битола и РЕК Осломеј ќе плаќа еколошки такси, како што и веќе се навестува подготовка на законски решенија за еколошки такси за корисниците на нафта и нафтените деривати. Определбата на Владата е јасна, пораката чиста, а целта е зелена – сите ако сме определени кон зелената агенда, тоа да го направиме и практично. Убеден сум дека со првиот чекор за еколошка такса од 3,5 денари за нафтата и нафтените деривати покажуваме решителност помалку да користиме загадувачи, а повеќе еколошки превозни средства, велоспиеди, електрични тротинети, пешачење, електрични возила, хибриди. Тоа е иднината на светот, на Европа и на Македонија, напомена премиерот.

За транспортерите, пак, кои реагираат, порача дека Владата донесе одлука за помош на меѓународниот транспорт и веќе е даден налог средствата да се исплатат пред се во патничкиот сообраќај како најпогоден.

-Државата беше тука да плати кога беше тешко за транспортерите. Дефинитивно 3,5-те денари нема да влијаат ништо посебно, имајќи предвид дека сите рамноправно и секој соодветно понесува дел од обврската за зелената агенда и заштитата на здравјето на граѓаните. Убеден сум дека со тоа што, сепак, цената на нафтата е најевитна на европскиот континент е сериозен аргумент за сите. Вчера на владина седница донесовме одлука за помош на меѓународниот транспорт од пакетите мерки, подготвени се кончените списоци, даден е налог да се вбризгаат парите во транспортерите, пред се во патничкиот сообраќај како најпогоден, но истовремено транспортерите треба да знаат колку државата е поевропкса и помодерна, толку ќе дава и поголеми економски можности, меѓу кои и за нив, објасни Заев.

Коронавирус