сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 110
home Вести

Немањето превод на албански јазик ја одложи расправата за законот за опојни дроги

Немањето превод на албански јазик ја одложи расправата за законот за опојни дроги

Одложена расправата за новиот Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции на Комисијата за здравство. Причина немање обезбедено превод на албански јазик.

Со новиот Предлог – закон се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко, при тоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.

Досега во државава одобрение за одгледување на канабис за медицински цели по претходно добиена согласност од Владата имаат добиено 29 фирми.

Интересот за инвестирање во државава за одгледување на канабис за медицински цели е поради поволната бизнис клима, како и ефтината работна сила на пазарот на трудот. Интересот е зголемен и поради рапидно зголемената цена на светската берза на маслото од канабис и сувиот цвет од растението канабис.

Преку исполнување на целите за донесување на Законот, треба да се обезбеди систем на размена на информации меѓу институциите надлежни за борба против дрога, ќе се изврши разграничување на термините: одгледување канабис за медицински цели и одгледување на коноп за индустриски цели, што се користи исклучиво за производство на влакно, семе за исхрана на животни, ќе се регулира рекламирањето на растението канабис, производите, препаратите, екстрактите и тинктурите од растението канабис во конечен облик, ќе се основа Агенција за контрола на одгледувањето и производство на канабис и производи од него за медицински и научни цели, ќе се дадат овластувања на јавна здравствена установа што ќе ги врши работите на Центарот за третман и намалување на штети од злоупотреби на дроги од министерот за здравство и ќе се изврши усогласување на законот со европското право во оваа област.

Промовирањето на правните норми на овој закон треба да обезбедат услови кои ќе тежнеат кон намалување на нивната злоупотреба, а истовремено до максимално ниво да го овозможат нивниот пристап за рационална медицинска употреба.

Контролата на психотропните супстанции треба да биде средство за оптимизирање на јавното здравство преку создавање услови за нивна правилна употреба во медицински цели, стои во текстот на Предлог – законот.

Коронавирус